ДУИ е за зголемување на потрошувачката, а не за намалување на платите
ДУИ останува на ставот да нема намалување на платите во јавната администрација, додека за зголемување на потрошувачката предлагаат директна финансиска помош за граѓаните.
Ова било заклучено денес во штабот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во Тетово каде што се одржа состанок на Секретаријатот за економија и финансии, на кој се дискутирало и се подготвиле социјални и економски сет на мерки со цел закрепнување на економската и социјалната состојба на граѓаните и приватниот сектор, како одговор на последиците предизвикани од КОВИД19.
Предложените мерки, како што се вели во соопштението до медиумите, ќе обезбедат поддршка за економијата со главен фокус во создавањето на работни места, одржување на социјалната и здравствената безбедност за граѓаните, но и помош за сите погодени од оваа криза.
„Нашата главна порака е дека зголемувањето на јавната и приватната потрошувачка ќе го поттикне економскиот раст“, велат од ДУИ.
Според партијата која е главниот партнер на СДСМ во Владата, потребно е да се забрза реализацијата на сите капитални инвестиции планирани за 2020 година.
„Предлогот на ДУИ за наредниот период е фокусот да се стави на реализацијата на сите градежни проекти: во изградбата на училиштата, градинките, спортските сали, патна инфраструктура, интензификација на градбата на гасната мрежа, инвестиции во водоводна и канализациона мрежа, но и енергетска ефикасност на објектите“, велат од ДУИ.
Партискиот секретаријат за економија и финансии (СЕФ) констатирал дека првиот и вториот пакет на социо-економска помош на Владата, позитивно влијаел на зачувувањето на работните места и одржувањето на ликвидноста на локалните компании.
Но, се додава дека сега е време Владата да излезе со трет пакет за социо-економско закрепнување, со фокус на стимулирањето на приватната потрошувачка преку таргетирање на граѓаните, ранливите социјални категории, деловните активности и особено микро, малите и средните претпријатија.
„За да се стимулира домашната економија, предлагаме мерки за зголемување на локалното производство, што би се реализирале со поттикнување на граѓаните да купуваат локални производи, но и преку финансиска поддршка за зголемување на земјоделското производство“, велат од ДУИ и додаваат дека мерките треба да се однесуваат на најпогодените сектори како што се: туризмот, гастрономијата, транспортот, микро и мали претпријатија, индивидуални занаетчии, но и стимулирање на дигиталната економија.
Од ДУИ велат дека станало збор и за изворите за финансирање вклучително и ре-алоцирањето на буџетските средства и заеми од меѓународни финансиски институции, како и издавањето на државни записи и еврообврзници по потреба.