Антикорупциска на удар и на власта, и на опозицијата

Вака ако продолжиме никогаш нема да се справиме со корупцијата - и порача на ДКСК Малиша Станковиќ од владеечката коалиција


На денешната седница беше усвоен Годишниот извештај на Антикорупциската комисија за 2025 година иако Малиша Станковиќ од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека во него воопшто нема конкретни предлози за справување со корупцијата.

– Ние конкретни предлози не можевме да видиме. Пишувате дека работите на реализирање на стратегијата. Генерално ние никако да дојдеме до тие резултати – рече Станковиќ нагласувајќи дека Антикорупциска во 2025 година до јавното обвинителство доставила само осум предмети каде што тие гледаат конкретно корупција. Јавното обвинителство, вели пратеникот, не ви дало одговор по ниту еден предмет.

– Вие премалку предмети доставувате до Јавното обвинителство, а обвинителство ги „трпа“ предметите и ги става во фиока. Тоа е повторно според самото Јавно обвинителство. И оние мал број предмети што ќе дојдат до судовите, судот ги ослободува. Па, ние вака ако продолжиме никогаш нема да се справиме со корупцијата. Граѓаните бараат правда – рече Станковиќ.

Пратеникот Реџеп Исмаил од Левица рече дека не мисли дека една комисија како Антикорупциска може да ја реши корупцијата туку дека е потребна политичка волја во владеачката гарнитура без разлика кој е на власт.

Сали Мурати од Европскиот фронт искажа незадоволство од процентот на реализација на активностите предвидени со стратегијата за борба против корупцијата и побара во следниот извештај што ќе биде доставен до Собранието да има прецизна листа на институции коишто не одговараат на барањата на Антокикорупциска.

Халил Снопче рече дека е шест години пратеник и дека секогаш ги добиваат истите извештаи на оваа комисија.

– Во борбата против корупцијата немаме никакво движење напред. Останавме во статус кво. Ова се антиципира како нормална појава – рече Снопче.

Според него, проблемот е политички, а не е институционален.

Соња Мираковска од НСДП рече дека статистиката е една голема вистина и оти таа покажува системски слабости, недоволни резултати, и она што според неа е значајно, е политичка незаинтересираност за борба против корупцијата.

– Прашањето е колку лица одговарале, колку функционери биле санкционирани, колку функционери не ја направиле основната обврска, дали имаме во Владата функционери што не поднеле анкетни листови. Како Собрание должни сте и за нас и за сите функционери да информирате дали поднеле анкетни листови или не или дали вие како институции сте постапиле. Ако треба, нека биде тоа и посебен извештај, издвоен од овој – рече Мираковска додвајќи дека проверката не треба да биде селективна. 

Пратениците ги усвоија и посебните извештаи на Државната комисија за спречување на корупцијата за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања за избор на градоначалници и советници во општините во државата и на Државната комисија за спречување на корупцијата за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања за повторни избори за градоначалник на општина Гостивар, градоначалник на општина Врапчиште, градоначалник на општина Маврово и Ростуше и за градоначалник на Центар Жупа – 2026 година.

Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ пак реагираше што тој и 24 други пратеници дури 45 дена чекаат од ДКСК да направи  антикорупциска анализа на предлог-законот за спроведување на проектот Скопје – Европска престолнина на културата 2028. Стојановски побара анализата до нив да биде доставена што поскоро за да може да се донесе законот.Законот, како што кажа пратеникот, е поднесен во јули, а до денеска нема никаков одговор од Антикорупциската комисија.

– На 30 јули вашата институција издаде соопштение во јавноста во кое имаше низа критики. Денеска е 15 септември – значи 45 дена подоцна вашата институција нема изработено антикорупциска анализа на овој закон. За да нема разноликост во јавноста, јас во името на тие 24 пратеници од различни политички партии кои го потпишавме овој закон сакам лично да ве повикам вас и вашата институција веднаш и неодложно да изработите една антикорупциска анализа на тој закон и да ја доставите до оние до коишто сме ја потпишале – рече Стојановски.