„Духот на Преспа” ја знае тајната на слоу фуд и слоу фешн (репортажа)


Лејла Сабит

Во Македонија добро се јаде и се тера мода. Се произведува автентична храна, и има развиена текстилна индустрија. Се ужива во храната, пополека, со часови, со вистинско друштво или сакани гости, како што се пребира по облеката за гала или други настани, за себе и за другите. Македонија има евтина, органска храна, уште пред органската храна во светот да стане тренд и многу скапа. А знаеме да носиме мода од македонски дизајнери, но и скапи светски брендови.

Можеме ли ваквата традиција и дисциплина да ја пресликаме и во нашите современи модни навики? Koja е врската меѓу „slow food“ и „slow fashion“ и како новите генерации да ги едуцираме како сè можe да се вкрстат двата концепта за плодна иднина“ – е еден од проектите на есенското издание на Моден викенд-Скопје кој под слоганот „Beyond the Fields”, викендов се одржува во Битола и во Штип. Изборот на различни локации надвор од градот Скопје е во духот на интересниот проект #NoWasteMК, кој  се одвива во рамки на дваесет и четвртата сезона на настанот, реализиран со грант од Circular Design Assembly доделен од British Council со фасилитација од Ellen MacArthur Foundation.

На мала овошна фарма од 5 хектари, „Spirit of Prespa“ („Духот на Преспа“) , во Царев двор, во близина на Ресен, задскриено меѓу селските куќи, во присуство на британската амбасадорка Рејчел Галовеј и други уважени гости од бизнис и модниот сектор кај нас, организаторката на Моден викенд-Скопје, Света Богова – Јовановска со Слоу Фуд-Македонија, на автентична вечера, меѓу насади со јаболки, го промовираа светскиот тренд на здрава храна и мода која се однесува одговорно кон планетата и животната средина кај нас. 

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј со сопругот

На топлите сончеви зраци, со жива музика, за гостите беше сервирано есенско деликатесно мени-од салата-до десерт, подготвени од четири врвни готвачи со соодветен избор на вино од малите, наградувани винарии во Тиквешко. Беа почитувани принципите на современата кујна, со почитување на старото што го сервираат во новото, правејќи вкусна симбиоза од минатото и иднината. Уживањето во добрата храна и со муабети за мода траеше до приквечер, кога застуде, и светилките низ фармата почнаа полека да се гаснат.

Слоу Фуд (Slow Food) , како алтернатива на брзата храна и филозофија која го поврзува задоволството и добрата храна со обврската кон нивната заедница и животната средина, има многу приврзаници и кас нас, а неодамна Слоу Фуд Македонија го издаде и промовираше првото издание на „Слоу Фуд гостилници 2021“ чија цел е да се промовира и поттикне развојот на македонската гастрономија на повисоко ниво, но и да се охрабрат избраните гостилници со знакот на црвеното полжавче на вратите, посебно денес, кога работат во отежнати услови.

Фармата „Spirit of Prespa“ (Духот на Преспа) која ја водат жени, мајката и ќерката Виолета Прцуловска и Ана Лаборе- е хит меѓу странците кои ја посетуваат или живеат во нашата земја и сакаат да ја откријат рурална Македонија, да ја вкусат нејзината автентична храна , од поле или нива на трпеза. Во овој случај, и тазе набрани јаболки од вашите раце, толку природни и чисти, што можете веднаш да ги јадете.

Концептот на фармата е иновативен за македонски услови. Фармата е од отворен тип и нуди посета на гостите на еден ден, исполнет со различни содржини. Понудата вклучува берење на цреши, сливи и јаболка, во согласност со сезоната.

Фото: Антонио Станков, Марко Вилиќ