Дуел меѓу Филипче и Мицкоски во Собранието за прислушувањето
Мицкоски рече дека не знае дали Ковачевски (а и Заев) биле информирани дека некој правел белешки во АНБ

Лидерот на СДСМ го праша премиерот зошто не дозволува декласификација на документите за новодното следење. Тој одговори дека целата работа е во рацете на обвинителството.
Скандалот со прислушувањето и неговите рестлови денеска се пренесоа во Собранието каде Венко Филипче на седницата за пратенички прашања го повика Христијан Мицкоски да одговори зошто не дозволува декласификација на сите материјали поврзани со случајот со Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Филипче истакна дека е важно да се расчисти овој случај, не само за јавноста да ја дознае вистината, туку и за да не се фрли дамка врз професионалците вработени во АНБ, кои изминатиот период речиси и не беа споменувани.
„Зошто не дозволувате декласификација на сите тие материјали, секако со заштита на идентитетот на сите луѓе чии што податоци треба да останат доверливи, за јавноста конечно да дознае дали имало злоупотреба или не. Дали некој го прекршил законот или не? Треба ли некој да одговара?“, праша Филипче.
Тој посочи дека целата приказна потекнува токму од премиерот, кој претходно јавно најавуваше дека постојат индиции за негово следење.
„Вие вчера изјавивте дека не сте биле следени директно, туку индиректно, и сега се отвораат многу прашања. Прво – дали навистина имало злоупотреба и дали сте биле следени како лидер на тогашната опозициска партија? Дали биле следени и други лица или групации со кои сте комуницирале?“, додаде Филипче.
Тој нагласи дека со одбивањето да се декласифицираат документите, под изговор дека е во тек предистражна постапка во Јавното обвинителство, Владата не само што ја манипулира јавноста, туку директно ја потценува улогата на Собранието и го поткопува Уставот.
„Се мислам дали да одговорам на еден или на друг начин, но во суштина ќе ви кажам дека повторно некој ве носи во длабоко. Што мислите вие – дека јас ќе излезам овде од егзибиционистички причини и ќе кажам дека некој тоа го правел па за да добијам внимание, да дефокусирам тема, или, еве ќе видите со тек на време ќе видите“, одговори Мицкоски
„Јас не сум тој којшто дозволува да се калсифицира или да не се класифицира господине Филипче. Има други институции коишто тоа го прават, не јас. Јас само го коментирам тоа што го кажуваат во јавност. И нормално е како претседател на Владата да добивам извештаи од страна на тие институции, нормално е од безбедносните агенции, и нормално е да знам што пишува внатре, бидејќи сум носител на сертификат за највисока државна тајна“, рече Мицкоски.
Според премиерот, тоа што се случувало не е од сега, туку во континуитет години наназад.
„Некои други креирале вештачки белешки за некои луѓе да завршуваат во притвори, невистинити белешки, итн. вие ги праќате тие луѓе по светот да бидат аташеа итн. Јас нема да навлегувам во деталите“, кажа Мицкоски.
Мицкоски праша дали тогашниот премиер, кој сега е пратеник, бил информиран дека тоа е правено.
„Тоа е суштината. Пред него друг бил премиер и не знам дури дали тој знаел дека тоа било правено. Во самата ваша влада имало луѓе што биле покривани. Тоа е поголемиот проблем за мене. Оставете ја таа работа. Дајте да зборуваме за други теми“, рече премиерот.