Државите од Западен Балкан годинава ќе ја завршат со раст на БДП од 2,2 отсто
Во сите земји ЕУ е најсилен трговски партнер, освен во Црна Гора, каде размената со земјите од Унијата изнесува само 41,9 отсто, покажува анализата на ЕБОР
Земјите од Западен Балкан оваа година ќе ја завршат со раст на бруто домашниот производ (БДП) од 2,2 отсто, а Европската банка за обнова и развој предвидува дека растот на економијата на регионот следната година ќе биде 3,4 отсто, додека растот на БДП на Србија во 2024 година би можел да биде 3,5 отсто, покажува анализата на Институтот за политика и економија на Југоисточна Европа.
Податоците за економската соработка покажуваат дека земјите од Западен Балкан немаат друга алтернатива освен европската, бидејќи не постои друг процес во кој некој ќе ги поттикне да се реформираат, трансформираат и модернизираат за да ги направат нивните општества подобри за своите граѓани.
Значаен ветар во грб што ќе го поттикне економскиот раст на земјите од Западен Балкан се очекува од Европската унија, односно од нејзиниот нов, неодамна промовиран План за раст, за кој членките на Унијата ја доделија првата транша од шест милијарди евра.
Според најавите, две милијарди се наменети за Србија, Албанија, Северна Македонија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина како неповратна помош и буџетска поддршка, а четири милијарди се наменети за кредитирање на капитални инвестиции.
Според сите параметри, а пред сѐ надворешно-трговската размена и директните инвестиции на компаниите, ЕУ е убедливо најголемиот и прв економски партнер на Србија, која е најголем трговски партнер на Унијата од овој регион, велат од Институтот.
Србија е регионален лидер кога се во прашање странските директни инвестиции, па за 12 години привлече 21,3 милијарди евра странски директни инвестиции од ЕУ.
Во истиот период, на пример, Србија привлече 3,1 милијарди директни странски инвестиции од Кина и 2,6 милијарди од Русија.
Во однос на директните странски инвестиции, според податоците на Централната банка, лани во Албанија пристигнале 1,4 милијарди евра од земјите членки на ЕУ, а најголеми инвеститори биле компании од Холандија, Италија и Германија.
Унијата е првиот партнер на Босна и Херцеговина во надворешната трговија, која сочинува 63,3 отсто од вкупната стоковна размена со светот, а минатата година во таа земја пристигнаа 720 милиони евра вкупни странски директни инвестиции, со околу 350 милиони евра од ЕУ.
Ни Македонија не заостанува зад другите земји од Западен Балкан кога станува збор за трговските односи со ЕУ, чиј пазар сочинува 58,2 отсто од вкупната трговија на Македонија со светот.
Најголеми инвеститори во Македонија се компании од Австрија, Грција, Холандија и Германија и тие учествуваат со 50,3 отсто од вкупните странски директни инвестиции.
Црна Гора, за разлика од другите земји од Западен Балкан, до неодамна беше повеќе фокусирана на Русија, Србија, Турција и земјите од Блискиот Исток во економската соработка, а дури неодамна почна да ги зајакнува економските врски со земјите од ЕУ.
На пример, црногорската надворешно-трговска размена со ЕУ е најниска во регионот и сочинува 41,9 отсто од нејзината вкупна размена со светот, се вели во анализата.
А кога станува збор за директни странски инвестиции, Црна Гора нема многу контакти со компании-инвеститори од ЕУ.
Од 734 милиони евра директни странски инвестиции во 2022 година, само 10 отсто се од Германија, чии компании беа највидливиот европски инвеститор во Црна Гора минатата година.