Државата ќе плаќа штети на М-НАВ повисоки од 150 милиони евра


Фото: Б. Грданоски

 

И државата ќе плаќа штети што евентуално би ги предизвикала Македонската навигација (М-НАВ). Ова го предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за воздухопловство, каде што се прецизира дека „доколку висината на осигурителното покритие, на кое е договорено осигурувањето на М-НАВ, не е доволна за надоместување на одговорноста на утврдените побарувања во отштетното побарување, за отплатата на непокриениот дел од висината на утврдената штета гарантира Владата на Република Северна Македонија“.

Поедноставено, ова значи дека ако контролорите на летање или другите служби на М-НАВ предизвикаат штета за која ќе се утврди дека е нивна одговорност, тогаш државното АД плаќа до висина на штетата на која е осигурено. Ако отштетата е повисока, се доплаќа од Буџет. Законот предвидува во случај кога Владата ќе плати дел од штетата, да има право на поврат на средствата.

Поради оваа нова буџетска обврска, во Предлог-законот за воздухопловство стои дека „спроведувањето на овој закон може да предизвика финансиски последици врз Буџетот на Република Северна Македонија и другите јавни финансиски средства само во случај на настан кој ќе предизвика одговорност на штета на давателот на услуги на воздухопловна навигација над висината на осигурителното покритие на кое е договорено осигурувањето за него“.

Во септември лани, М-НАВ склучи договор со „Еуролинк“ за осигурување на штети кон трети лица кои произлегуваат од вршење дејност, за период од две години. Осигурителното покритие е најмногу до 150 милиони евра, на годишно ниво. Вкупната премија за периодот од две години изнесува околу 263 илјади евра (16.200.000 денари).

Во разговорите што ги објавија некои медиуми, поврзани со „случајот Рашковски“, можеше да се чуе дека во разговорите во Влада за новиот АТМ- систем претставник на Министерството за транспорт и врски вели дека Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и М-НАВ побарале во законот за воздухопловство да влезе одредбата дека од Буџет ќе се плаќа делот од отштетата што го надминува осигурителното покритие. Во разговорите се слуша дека „по барање на ЕБРД, според нивните калкулации се претпоставува дека според бројот на летови во моментов, осигурувањето треба да биде од 150 до 500 милиони. Така што МНАВ има осигурување во вредност од 150 милиони. За да го решиме овој проблем, ние поднесовме амандман на законот за авијација во Владата, со цел МНАВ да бара осигурување од 150 милиони и ако е потребно, остатокот од осигурувањето да биде покриено од власта. Така ќе биде според практиката што се користи во Словенија и Хрватска“.

На вчерашната седница на Комисијата за транспорт и врски, пратениците ги поддржаа предлог-измените на Законот за воздухопловство.

Анита Салтировска