Државата денес се „опари“ со 332.276 евра од продадениот имот на Мијалков
Станува збор за три стана на улицата „Славејко Арсов“ во Скопје, еден од 78м2, и два од по 73 м2 како и гаража од 30 квадрати
Агенцијата за управување со одземен имот денеска од продажбата на три стана и гаража, одземени со правосилна судска пресуда од Сашо Мијалков, инкасираше во буџетот 332.276 евра, информираше директорот Дритон Небиу. Станува збор за три стана на улицата „Славејко Арсов“ во Скопје, еден од 78м2, и два од по 73 м2 како и гаража од 30 квадрати во КО Центар 2 и тие се продадени транспарентно, а процесот се одвивал непречено.
„За недвижностите имаше наддавање кое се одвиваше непречено и тие завршија успешно. Согласно наддавањето во државниот буџет ќе бидат уплатени парични средства кои беа одземени од граѓаните и истите ќе бидат уплатени во вкупна вредност од 332.276 евра. Продолжуваме и понатаму за истиот предмет и во најскоро време ќе објавиме продаќба и на други недвижности за кои има правосилни судски пресуди“, изјави Небиу.
За добиените заканите за кои тој претходно ја алармираше јавноста и МВР рече дека не треба никого да поколебаат да учествуваат на аукциите кои согласно законот се отворени за сите граѓани, освен за вработените на Агенцијата и за осуденото лице Сашо Мијалков.
„Ги охрабрувам граѓаните на РСМ во секое јавно наддавање и аукцијс претходно да аплицираат и конкурираат слободено зошто законот е над сите нас, никој не е над законот, ние само го почитуваме законот и ќе продолжиме без никави пречки и без никаков застој во нашето понатамошно раководење со Агенцијата“, рече Небиу.
Тој најави дека наскоро на аукција ќе се најдат уште станови и градежно земјиште конфискувани од екс директорот на УБК Сашо Мијалков за кои исто така има правосилна судска пресуда.
Агенцијата во септември продаде три одземени недвижности согласно правосилната судска пресуда за Мијалков по што во државниот буџет се уплатени 244.000 евра.