Драстично зголемени нивоата на реките


Нивоата на реките се драстично зголемени по врнежи од дожд што изминатите денови ја зафатија земјава. На некои мерни места водостојот е речиси осум пати над просечните вредности за месец ноември.

Според денешните хидролошки мерења, најголем пораст е забележан на реката Треска кај Македонски Брод, каде водостојот е 90 сантиметри над нормалната кота.

Зголемени нивоа се регистрирани и на реката Вардар, особено кај Јегуновце, Скопје, Велес и Демир Капија, како и на Пчиња кај Пелинце и Катлановска Бања. Пораст има и на Црна Река кај Новаци, на Радика и на Црн Дрим кај Ложани.

 

Исклучок е реката Брегалница кај Берово, каде водостојот е 12 сантиметри под просекот за ноември.

Според Управата за хидрометеоролошки работи, нивото на водата во Дојранското, Преспанското и Охридското Езеро е стабилно и во рамките на просечните вредности за месец ноември.Во Охрид и Кичево водостоите се зголемени, но нема излевања. Најризичен е делот кај ул. Прилепска во Кичево, каде е побарана општинска интервенција. Во Охрид се интервенира по пријавено поплавување на подруми во населбата Железничка, предизвикано од диво ископани канали.

Во Куманово, реката Пчиња накратко излезе од коритото кај Пелинце – Стрновац, без нанесена штета. Мостовите во Коинце и Пелинце се расчистуваат од насобрани дрва и отпад, без констатирана опасност по нивната стабилност.

На регионалниот пат Македонски Брод – Скопје преку НП „Јасен“ беше регистриран голем одрон, поради кој сообраќајот беше во прекин. Патот е расчистен по една лента, а во тек се активности за целосно обезбедување на трасата, известуваат од ЦУК.