Драстично се намалуваат новите вработувања во Град Скопје
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска сподели дека новите вработувања во Град Скопје ќе бидат драстично намалени, затоа што, како што вели, секој денар од граѓаните мора да има јасна цел, а секое вработување вистинска потреба и конкретна работа.
„Скопјани заслужуваат јавен сектор кој ќе ја оправда нивната доверба со чисти улици, уредени паркови, редовен превоз и навремени услуги. Денес, на седницата на Советот на Град Скопје, е донесена одлука со која ставаме крај на децениските лоши практики на неконтролирано натрупување на администрацијата и дополнително оптоварување на градскиот буџет. За првпат досега, во сите јавни претпријатија и установи се предвидуваат помалку нови вработувања. Истовремено, вкупниот број вработени, особено во јавните претпријатија, се намалува по законски основи“, истакна Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој оцени дека ова било реална оптимизација, со цел поефикасно работење и поодговорно управување со парите на скопјани.
Воедно нагласи дека приоритет имаат луѓето што секојдневно ги обезбедуваат услугите од кои зависи градот – возачи во ЈСП, работници и возачи во ЈП „Комунална хигиена“ и оперативен кадар таму каде што навистина недостига.
„Најголемиот дел од предвидените нови вработувања се за луѓе кои ќе работат на терен и директно ќе им служат на граѓаните, додека административните позиции се сведени на минимум. Потребите на улиците, парковите и јавниот превоз конечно го добиваат приоритетот што го заслужуваат“, додава градоначалникот.