Драмите на Горан Стефановски преведени на италијански јазик-внука му Ана го исполни ветувањето
„Пред многу години му ветив на чичко ми Горан дека еден ден ќе ги преведам неговите драми на италијански јазик и благодарна сум им на сите оние кои ми помогнаа да го одржам ветувањето“, напиша на социјалните мрежи Ана Стефановска, ќерката на нашиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски и внука на познатиот македонски драматург Горан Стефановски.
Таа додава дека првиот превод на делата на Горан Стефановски на италијански јазик е финансиран од страна на Министерство за култура и е реализиран во соработка со италијанската издавачка куќа Cue Press.
„Се надевам дека реализацијата на овој превод ќе и овозможи на италијанската публика да се запознае подобро со македонскиот јазик, книжевност и култура“, додава Стефановска.
Таа пред повеќе од две години ја одбрани својата докторска теза на Универзитетот Падова во Италија, што особено го направи горд нејзиниот татко Влатко Стефановски. Ана работи како професор по италијански јазик и литература во Ирска, а во слободно време и на дигитализација на делата на својот чичко Горан Стефановски.