Драматичен крај во Формула 1: Верстапен го престигна Хамилтон во последниот круг и ја освои титулата


Макс Верстапен е новиот светски шампион во Формула 1, откако победи на Големата награда на Абу Даби, последната трка во сезоната

Нов светски шампион во Формула 1 е холнаѓанецот Макс Верстапен. Тој победи на последната трка во сезоната, Големата награда на Абу Даби и со овој триумф ја освои титулата пред Луис Хамилтон кој заврши на второто место на трката.

Во последната трка сезонава двајца аспиранти за титулата влегоа целосно изедначени: имаа по 369,5 бодови.
Холанѓанецот ја зграпчи пол-позицијата во саботните квалификации, но многу лошо ја започна трката – Хамилтон го престигна и дојде на првото место. Сепак, Верстапен не се предаде во тој прв круг, по неколку свиоци успеа да најде можност и да влезе пред Британецот. Имаше лесен контакт помеѓу болидите, Верстапен брзаше напред на тркачката патека, а Хамилтон излезе од патеката, додаде гас и се врати на првата позиција.

По ваквата драма во првиот круг, уште поневеројатна беше завршницата на трката
Тој прв круг од трката и последниот (58-ми) беа апсолутно сензационални. Верстапен го искористи тоа што имаше многу побрзи гуми и пред финишот успеа да го претекне Хамилтон за својата прва титула, иако не се чинеше дека тоа може да се случи …

Имено, разликата меѓу ривалите беше релативно голема во корист на Хамилтон, кој реши да влезе само еднаш во боксот. Верстапен полека го намалуваше тој заостаток, но не доволно и се чинеше дека му истекува времето, а потоа во 54-от круг Николас Латифи се судри, предизвикувајќи безбедносното возило да излезе на патеката. Верстапен побрза да добие нов комплет гуми додека Хамилтон остана на патеката, сакајќи да го одбрани првото место. Сепак, тој не успеа во намерата, бидејќи Холанѓанецот без никаков инцидент успеа да му се закани и да стигне пррв до целта.

Верстапен со тоа стана 34-от возач во историјата кој ја освоил светската титула.

Рекордери се Луис Хамилтон и Германецот Михаел Шумахер со по седум титули, Аргентинецот Хуан Мануел Фанџо има пет, а Французинот Ален Прост и Германецот Себастијан Фетел по четири.