Драма во Бугарија: Уставниот суд го прогласи за незаконит изборот на 16 пратеници


 

Пет месеци по изборите во окртомври во Бугарија се случува политичка драма откако Уставниот суд најде дека изборни ливчиња исчезнале и дека се направиле криминални активности во многу избирачки места. Крајната цел, изгледа бил, тврдодесничарската партија Величие да не влезе во парлементо (ѝ недостигаа 21 глас за поминување на прагот) а придобивки да имаат партии кои сега се во владејачката коалиција. Уставниот суд го прогласи за незаконски изборот на 16 пратеници од актуелниот парламент и ја задолжи Централната изборна комисија да го претстави новиот состав на парламентот во кој се очекува да биде и пратеничката група на Величие.

Тоа не значи дека идната група Величие ќе ја сочинуваат 16 пратеници. Поради поголемиот број неважечки ливчиња и пропорционалниот изборен систем, ЦИК ќе мора да направи нови пресметки за да види кои пратеници ќе влезат во Народното собрание.

Според неофицијални податоци, групата Величие најверојатно ќе има 10 пратеници, а мнозинството од владејачката коалиција ќе падне на најмалото мнозинство од 121 глас во собранието од 240 пратеници.

Според одлуката на судот, по пребројувањето, бариерата од 4 отсто е 97.390,44 гласови, а Величие добило 97.497 и со тоа влегува во парламентот. Овие гласови се за 59 повеќе од објавените по гласањето на 27 октомври. Поместувања има и во гласовите на другите партии. Пребројувањето покажа дека Новиот почеток на олигархот Делјан Пеевски всушност има 1.110 гласови помалку.

Како незаконски е објавен изборот на тројца пратеници на Има таков народ, тројца од тврдите националисти од Меч, тројца од ГЕРБ, двајца на ДПС- Нов почеток на Делјан Пеевски, двајца од националистичката и проруска Преродба, а по еден од ДПС на Ахмет Доган, коалицијата ПП-ДБ и социјалистите од БСП.