ДПИ на терен, се вршат контроли на цените на производите
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) е на терен и врши контроли со цел да утврди како се движеле цените на основните прехранбени производи во изминатите месеци. Контролите се спроведуваат кај добавувачите, производителите и маркетите.
Целта, како што информира ДПИ, е да се направи мониторинг и анализи и да се утврди дали постои нелогично зголемување на цените кај одредени производи. По завршување, анализите ќе бидат испратени до Министерството за економија и труд со што, како што се наведува, ќе се одлучи за преземање на понатамошни мерки.
-Апелираме до сите трговци, да се придржуваат до акцијата и да не го надоместуваат намалувањето на цените на производите од кошницата со зголемување на други прехранбени производи. Свесни сме дека за дел од производите станува збор за берзански производи и дека оттаму доаѓа и промената на цените, но сепак сметаме дека може да се најде најповолно решение и за трговците и за граѓаните. Доколку трговците и понатаму продолжат со нелогично зголемување на цените, односно не ги намалат на цените маслото, јајцата, месото и месните производи, млекото и млечните производи ќе предложиме Владата да донесе Одлука со која ќе мора да се намалат цените, се вели во соопштението.
Од ДПИ информираат граѓаните ако забележат неправилности да пријават во Државниот пазарен инспекторат на 191 или на www.dpi.gov.mk