ДПИ: Цените на производите од „новогодишната кошница“ се намалени за 10 отсто
Од мониторингот кај трговците на мало (маркетите) е утврдено дека цените на производите од „новогодишната кошница“ се намалени за 10 отсто, но се додадени и околу 30 нови производи (млеко и млечни производи, месо и месни производи, масло и јајца) каде се бележи намалување од 10 до 20 отсто, соопшти Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Оттаму додаваат дека од вчера пазарниот инспекторат е на терен низ цела Македонија и врши контроли кај добавувачите, производителите и маркетите.
-Мониторинг на цените се спроведува кај производите кои се дел од Новогодишната кошница, но дополнително и кај одредени основни прехранбени производи кои не се дел од кошничката, информираат од ДПИ.
Во месец ноември, како што е посочено во соопштението, постоело зголемување на цените на основните прехранбени производи, но со започнувањето на акцијата „Новогодишна кошница“ постигнато е нивно стабилизирање и намалување.
-Трговците на мало (маркетите) генерално се придржуваат до акцијата за намалување на основните прехранбени производи, а констатирани се ситни забелешки во однос на обележување на цените и самите цени, што по изречените опомени беа коригирани и отстранети. Кај добавувачите и производителите односно трговците на големо контролите се во тек, а по нивно завршување ќе ја информираме јавноста за утврдената фактичка состојба, се наведува во соопштението од ДПИ.