Дотепувањето на Шарената (г)револуција
ЗДРАВКО САВЕСКИ
Како малку да беше извалкана Шарената т.н. револуција, ете и конечно ја дотолчија, ја докрајчија, jа дотепаа!
Пред еден месец прво бевме сведоци на шарадата кога учесници во протестите од 2016 година, а експлицитни поддржувачи на СДСМ, преку иницијативата „На мeгдан“, се активираа да му дадат ветер в грб на Стево Пендаровски, по неговиот лош резултат во првиот круг од претседателските избори. Не биле партиски одработувачи, едноставно сакале, онака неутрално, да ги слушнат ставовите на двајцата претседателски кандидати. Толку беа очајни во глумата (иако една од иницијаторите работи во театар) што и политички најнеписмениот граѓанин во земјата сфати дека одработуваат за СДСМ.
Ако тоа беше „само“ трагикомично, случајот со Павле Богоевски е едноставно врв и краен акт на газење на принципите на Шарената! Од страна на еден од нејзините најистакнати претставници. Одговорност од носителите на јавни функции. Тоа Богоевски постојано го бараше од улиците. А сега, кога тој треба преку личен пример да докаже дека тоа за него не било само празна реторика за напад на политичкиот противник, туку принцип во кој верува – функционерот не ја дава фотелјата, оставката треба да му биде изнудена. Исто како во случаите на Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески. Во кое друштво попадна, бре Богоевски?
И не се работи само за тоа дека Богоевски треба да поднесе оставка поради овој случај, дури и само како акт на морална одговорност. Тој веќе одамна требаше да поднесе оставка поради изневерувањето на принципите за кои се бореше. Како тој придонесе Собранието да не биде продолжена рака на извршната власт? Со гласање за секој владин предлог во Собранието? Како се бореше за унапредување на владеење на правото? Преку гласање за измени на Кривичниот законик со цел конкретни личности да не бидат казнети онака како што е пропишано? Побара одговорност од извршната власт заради бегството на Груевски? Некои носители на јавна функција или беа до крај неспособни или соучествуваа во тоа. Трето нема. А и во двата случаи, никој не понесе одговорност, а Богоевски продолжи да молчи. Молчеше и кога ја приведоа Марија Конопова, активистката за легализација на канабисот. Ја држеа во притвор недозволиво долго пред да ја изведат пред суд. Не за време на Груевски, туку за време на Заев. Богоевски имал близок кој имал здравствени проблеми, за што тој требал незаконски да набавува масло од канабис? Па, ако не заради Марија Конопова, ако не заради луѓето кои гнијат по затворите за да им помогнат на луѓе со здравствени проблеми, тогаш заради тој негов близок Богоевски можеше да иницира законски измени со кои конечно ќе се легализира канабисот.
Но, Богоевски молчеше. Се сведе на статист во Собранието, на човек кој го притиска копчето за гласање кога тоа ќе го побараат од него. Од гласен предводник на протестите стана безгласен фотелјаш, кој не бранува ниту најмалку и кој за тоа небранување добива симпатичен износ месечни примања.
Затоа, не сега, туку уште многу поодамна Павле Богоевски требаше да си поднесе оставка. Заедно со Ивана Туфегчиќ и Ирена Стефоска, кои исто така, на грбот на демонстрантите, станаа пратенички и оттогаш збор критички не кажаа против власта. Зашто власта сега е на СДСМ, а не на ВМРО-ДПМНЕ. Истото што важи за Богоевски, важи и за нив! Знам дека моралната одговорност е мисловна именка и за нив, но сепак ќе им нагласам: крајно време е, поради изневерувањето на принципите и очекувањата, и вие да си поднесете оставка! Ако немате волја или храброст да ја критикувате власта за злоупотребите што ги прави, единствената достојна опција е – оставката!
Што остана од Шарената по сето ова? Без оглед дали Богоевски ќе си поднесе оставка, без разлика дали Туфегчиќ и Стефоска тоа ќе го направат, Шарената веќе одамна е до срж извалкана. Избегнувам да ја наречам револуција, зашто таа тоа не беше. Во најдобар случај таа беше греволуција, но никако не револуција. Значителен дел од нејзините учесници беа партиски војници на СДСМ, со една мисла во глава: да фатат функција, или барем некоја коска за себе по промената на власта. И она што ним реално им пречеше околу злоупотребите на власта беше што други извлекуваат корист од тоа, а не тие самите. Останатите, пак, учесници, или наивно веруваа дека СДСМ се променил и дека по промената на власта ќе се направи барем некој исчекор, или, исто толку наивно, мислеа дека постои шанса протестите да не бидат инструментализирани од СДСМ и дека може, при протести толку евидентно контролирани од СДСМ, да се извлече нешто повеќе од само замена на едни фотелјаши со други. При таква констелација, со такви прокламирани и реални цели, тоа да се нарекува револуција претставува навреда на самиот поим револуција!
Но, и покрај скромните цели на протестите, по промената на власта и партиските војници на СДСМ и оние што се вклучија во новата владина структура за „од внатре“ да ги менуваат работите – за рекордно кратко време успеаја целосно да разочараат. Тие гласни борци против неправдите, ги проголта и замолчи власта. Станаа обични извршители, кои можеби направија некоја ситна корекција на системот, но тоа едноставно беше премалку. А платија преголема цена за тоа, молчејќи за сите злоупотреби на власта за кои јавноста реагираше, а и за оние што самите го знаеја, инсајдерски. Си го валкаа сопствениот имиџ, но и имиџот на Шарената. И уште поважно, им наштетуваа на перспективите за автентичното протестно организирање во иднина.
Гајле ми е за имиџот на Павле Богоевски! Ако нему не му е гајле, зошто мене или на кој друг учесник на протестите да му е гајле? Но, проблемот е што и тој, и целата сурија шарени функционери што ги запоседнаа фотелјите, со своето молчење и соучество во злоупотребите на власта, со својата фиксираност да извлечат лична корист, ја извалкаа Шарената. И создадоа горчливо чувство на изиграност кај оние учесници на протестите, кои искрено влегоа во протестите. Некои од нив трпејќи и лични последици. А, не завршуваат тука штетните последици. Секое ново разочарување од шарените функционери не само што неизбежно ја дотолчува Шарената, туку и дополнително го отежнува секое ново протестно организирање. И во тоа е најголемата и вистинската штета! Како да учествуваме во некој нов протест кога се плашиме дека оние што ќе бидат најгласни протестираат поради лична корист, а не поради автентичен стремеж за промени? Но, и зошто некој да се вложува да ги организира и предводи протестите ако „наградата“ за неговиот ангажман бидат сомничењата дека тој/таа го прави тоа поради личен интерес? Ете, во тоа е огромната штета што ја нанесоа и што продолжуваат да ја нанесуваат шарените функционери!
Партиските врхушки на ВМРО-ДПМНЕ, но и на СДСМ и ДУИ – ликуваат! Успеаја да го оцрнат и осакатат секое протестирање кое нема да биде контролирано од нивна страна. Го издигнаа Павле Богоевски во херој на „револуцијата“, му дадоа фотелја, го натераа да молчи и да го притиска копчето за гласање онака како што ќе му наредат, а сега, откако го искористија, дали ќе го пуштат низ вода или ќе му дозволат да си ја задржи фотелјата, малку е важно. Целта ја остварија. Преку шарените функционери ги делегитимизираа автентичните организатори на протести и тоа на подолг период.
Шарената е дотолчена, дотепана, докрајчена. Автентичното протестно организирање е во нокдаун. Ќе биде тешко да се обнови. Но во процесот на негова обнова неизбежно ќе треба да се извлечат поуките од неуспехот на Шарената. А првата поука од неа: заедничкиот фронт со клиентелистичките и бизнис партиите (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ…) ги разводнува барањата на протестите и неизбежно води до нивно искористување за едни фотелјаши да се заменат со други.