„Достоинство“ ќе коалицира со ВМРО – ДПМНЕ, ја напушта коалицијата со СДСМ


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов денеска изјави дека неговата апртија излегува од коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, и дека раководството донело одлука да ја прифати можноста да коалицира со ВМРО – ДПМНЕ. Ваквата одлука тој ја образложи со неисполнетите очекувања за проблемот со кој сѐ уште се соочуваат необесштетените десетина воени инвалиди и петнаесетина семејства на загинати бранители.

Тој посочи дека иницијативите на „Достоинство“ поднесени до Владата и до Собранието добивале поддршка од поранешниот премиер Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но, според нив, поради противењето на ДУИ, истите не поминале.

Тој информираше дека предложил да понуди оставка од позицијата директор на ЦУК, но, како вели тоа не било прифатено и тој останува да го предводи ЦУК до формирањето на следната влада.

„Проблемот со необесштетените воени инвалиди и семејства на загинатите бранители не е единствената причина поради која излегуваат од коалицијата предводена од СДСМ, но, поради политичка коректност, во овој момент нема да навлегувам во понатамошни објаснувања“, вели Ангелов.

Ангелов изјавата за медиуми ја даде пред Споменикот на бранителите во Скопје, откако делегација на „Достоинство“, заедно со свои членови и поддржувачи, учесници во одбраната на земјава во 2001 година, положија цвеќе пред споменикот.

Минатата недела раководството на „Достоинство“ донело едногласна одлука да ја прифати можноста да влезе во коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ, посочи Ангелов, додавајќи дека не барале пратеничко место, а такво нешто не им било нитупонудено.

„Бараме решенија за проблемите на припадниците на безбедносните сили, учесници во одбраната на Македонија во 2001 година како и борба за нивните права“, вели Ангелов.

Тој додаде дека со ВМРО-ДПМНЕ разговарале и за други работи кои што ќе ги откријат во наредниот период.