„Доста бараат избори, нека работат нешто во Скопје“, му порача Ковачевски на ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот Димитар Ковачевски денеска уште еднаш ги отфрли повиците на опозицијата на предвремни избори и ѝ порача да почне да работи нешто во Скопје, каде што има имнозинство и градоначалничка поддржана од нив. Зборувајќи во Тутунскиот комбинат во Прилеп тој направи споредба со 11-години владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и она што му се случува на Скопје сега.
„Така како што успеаја да ја заглават државата 11 години, ниту еден милиметар во европски интеграции, раскарани внатре, раскарани со сите соседи…, јас би им порачал власта која што ја имаат во Скопје да земат да ја практикуваат затоа што од Скопје денес едвај излеговме бидејќи на протест се сите превозници. Во Скопје ветуваа бесплатен автобуски превоз, ветуваа брда и долини… Во моментов Скопје ниту има автобуски превоз, ниту има пречистителна станица за вода, ниту има какво било поместување на кој било капитален проект, кој им го остави минатата власт“, рече Ковачевски.
Објаснувањата дека се скарале со градоначалниката Данела Арсовска не е никакво оправдување, рече Ковачевски, затоа што таа била промовирана од нив. „Не може да се кажува – се скаравме и за да можеме добро да го управуваме Скопје ни требаат парламентарни избори. Не поминува таа работа. Нека се фатат за работа за да можат да профункционираат општините. Не сакам да зборувам за Општина Прилеп“, рече Ковачевски.
Ковачевски повтори дека парламентарни избори ќе има во 2024 година и тие ќе бидат редовни, бидејќи тоа е редовен термин.
„Помина времето кога во државата се правеа избори секоја година само затоа што некој сака да спроведува само своја лична политичка агенда. Никој не се плаши од избори, додаде Ковачевски.
Тој е убеден дека СДСМ и коалицијата ќе победи и на претседателските и на следните парламентарни избори.