Допис од Брисел не е приказна за мали деца: Пендаровски ѝ возвраќа на ДУИ

Претседателот објави дека за Законот на игри на среќа бил испратен писмен допис од Брисел за да не се злоупотребува европското знаменце


 

Претседателот Стево Пендаровски денеска ѝ возврати на Демократската унија за интеграција на нејзината забелешка дека направил грешка биде со непотпишувањето на Законот за игри на среќа, велејќи дека „писмен допис од Брисел не е приказна за мали деца“.

Пендаровски од Тетово порача дека Европската унија сериозно укажува на злоупотреба на можноста со европско знаменце и по кратка постапка да се носат закони, како што беше направено во областа на игри на среќа. Тој порача дека не смее да се повторува ваквиот начин на носење на закони.

„Јас не мислам дека писмен допис од Брисел за кого било во земја кандидат, која преговара за членство во Европска унија, може да се каже дека е приказна за мали деца. Според мене, тоа е сериозно укажување кое не би смеело како однесување да го повторуваме понатаму. Пред еден месец Европската комисија, значи Европската унија, од Брисел праќа писмо до Владата и вели во процедура во Собрание имате закон со кој практично се злоупотребува европското знаме, бидејќи таква европска директива нема.

Меѓутоа, пратениците тераат до крај, го усвојуваат тој закон.

Пред неколку дена доаѓа европскиот амбасадор кај мене и ми вели, ова е злоупотреба уште една во серија на европското знаме, никој не спори дали е законот добар или лош, ми вели тој, но не смее да биде злоупотребувано европското знаме. Тој посочи дека ако сакаме да одиме во Европска унија, мораме пред да станеме членки да се однесуваме како вистински Европејци. Вели, ова е на балкански начин, а во извештајот за нашиот прогрес во октомври, имаме серија критики зошто некои закони ги носиме на таков начин“, изјави претседателот Пендаровски при посетата на Универзитетот во Тетово.

Пендаровски образложи дека мора да има прецизна европска директива со број и датум кога е донесена. Тој потенцираше дека не навлегува воопшто во содржината на законот, дали е добар или не, туку дека го вратил поради повеќето писмени забелешки на ЕУ.

„Во овој случај такво нешто нема и затоа треба законот да оди во редовна процедура и целата расправа да не трае само 2, 3 дена. Тоа е единствената причина. Не велиме дали е добар или лош законот како содржина може да е одличен. Меѓутоа, велиме дека мора да се однесуваме како Европа. Бидејќи јас сум легалист за мене најважна работа тоа да го нема. Сѐ друго може кога ќе иде во редовна процедура, ќе ги чуеме аргументите и на едните и на другите и македонската јавност ќе ги чуе, и ќе заклучиме што е најдобро за неа, истакна Пендаровски.

ДУИ во својата реакција искажа сериозно незадоволство од одлуката на претседателот Стево Пендаровски да не го потпише Законот за игри на среќа, бидејќи тоа е едно од нејзините долгогодишни ветувања. ДУИ рече дека одлуката била „за „жалење“. А образложението на Пендаровски за ваквиот потег – препораката од ЕУ дека тој закон не може да се носи со европско знаменце – била „приказна за мали деца“. ДУИ уште наведува дека не се предавале во оваа битка за тргање на казината и обложувалниците на најмалку 500 метри од училиштата.

На прашањето дали ќе се кандидира за претседател Пендаровски рече дека одлуката ќе биде донесена за околу пет до десет дена.