Домашното штедење е особено значајно за малите економии, депозитите растат и во услови на криза

Домашното штедење е особено значајно за малите економии со пониско ниво на доход бидејќи од штедењето зависат инвестициите, а без инвестиции со кои се зголемува долгорочниот потенцијал за раст не е можно достигнување повисоки нивоа на доход, беше посочено на одбележувањето на Светскиот ден на штедењето што синоќа се одржа во организација на Македонската банкарска асоцијација (МБА).
Податоците на Народната банка покажуваат дека пандемијата предизвикана од Ковид-19, енергетската криза и тековната војна во Украина имаат неповолно влијание врз штедењето, но дека и во вакви услови депозитите и годинава растат, што главно се должи на растот кај секторот домаќинства.
– Да и го довериш на институција, она што си го заработил, значи доверба. Клучното во финансиите е довербата. Да се одржи довербата останува исклучително голем предизвик особено во услови на криза, а кога кризата е поврзана со инфлација и кога парите утре вредат повеќе од денес, можам да претпоставам колку е тешко да се одржат депозитите на високо ниво. Исклучиво ми е задоволство тоа што овие депозити се претвараат во кредити и тоа е силен сигнал дека функционира банкарскиот систем, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.
Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска посочи дека во последниот период има знаци на зголемување на придонесот на денарските депозити и на долгорочните депозити кон растот на вкупните депозити на домаќинствата.
– Придонес кон ваквите позитивни движења има и понудата на деловните банки на нови депозитни производи со попривлечни каматни стапки, како и одржаната финансиска стабилност, при што се увидува добра капитализираност на банкарскиот сектор, со традиционално добра ликвидносна позиција и намалено учество на нефункционалните кредити под претпандемичното ниво, оцени Ангеловска-Бежоска.
Од Македонската банкарска асоцијација, каде се здружени најголем дел од банките во земјава, порачаа дека банкарскиот систем е стабилен и подготвен да одговори на предизвиците што ги носи кризата.