Должни сме да ги отстраниме дилемите со Законот за јазици и „Балансерот“, вели претседателот на Уставниот суд
Со Законот за јазиците политиката создаде своевиден правен хаос, кој резултираше со политички хаос, недоверба, дилеми. Јавноста веќе го виде и извештајот на Венецијанската комисија. Уставниот суд е на потег не за мудра, туку да донесе уставно-правно втемелена и аргументирана одлука. Што би можело да се одлучи, незнам и неможам да знам и нема да коментирам, вели во интервју за МИА претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.
Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, а е оформен од 2019 година.
Свесни сме, како што вели, за јавниот интерес и за можните последици доколку Судот одлучи да го укине или да го остави во примена овој Закон или да интервенира во одредени одредби, можно е да има незадоволни.
– Она што е важно е да се видат објективно аргументите во одлуката каква и да е пред да се дава каков било коментар. Одлуката на Судот треба да биде почитувана и прифатена како израз на зрелост на политиката и на општеството, одлуката да биде ориентир рамка за делување на законодавецот, нагласува Костадиновски.
Факт е, како што вели, дека Законот се применува и дека создава проблеми во примената и од тој аспект од 1 септември со стапувањето во сила на новиот Акт на Судот, со цел да не настапат штетни последици за граѓаните, Уставниот суд има можност со евентуална одлука за поведување постапка да одреди временски рок во кој законодавецот треба да се усогласи и да ги отстрани евентуалните уставно преблематични одреби во рок не подолг од шест месеци. – Јас неможам да предвидам дали до тоа ќе дојде!, додава Костадиновски.
На прашањето дали ќе успее Судот мудро да избалансира без да ги наруши политичко-етничките односи во државата како и можните безбедносни предизвици, Костадиновски појаснува дека Уставниот суд го носи најголемиот товар да одлучи-пресече за какво било деликатно прашање но, како што вели, затоа и постои Судот.
Тој нагласува дека како еден од судиите со најдолг стаж во актуелниот состав сведочел за повеќе вакви ситуации.
-Но, искуството ми укажа на две важни работи, кои се важни и за мојот мандат како претседател. Прво прашање е: дали одлагањето на одлуката по одредено прашање во име на сензибилноста и можните општествени реакции и импликации е оправдана и дали ја постигнала својата цел? Не, сензибилноста по такви прашања не се лимитирани со временска рамка, сензибилноста не се намалува со протекот на време, тие биле и се уште се сензибилни предмети и пред четири години исто и денес, и од тој аспект подобро и поздраво е Судот промптно без калкулации да одлучува, исклучиво со уставно-правни аргументи и затоа како пртетседател со ова искуство ќе се залагам за што е можно побрзо одлучување за предметите без разлика на степенот на нивната сензибилност, потенцира претседателот на Уставниот суд.
Според него, второ исклучиво релевантно прашање и за Судот и за овие важни предмети за кои зборуваме, но и за правната држава е: Дали како општество сме подготвени и зрели да се соочиме и со одлуки на Судот, кои секако се од висок јавен интерес.
-Треба да бидеме искрени и сами да си го поставиме прашањето дали сме стабилна демократија, дали е неопходно и нужно да го направиме исчекорот и преминот во зрела демократија? Мојот став е јасен. Мојот став е дека е нужно, дека е крајно време да го направиме тој исчекор кон зрела демократија, потенцира Костадиновски.
Нашата уставна реалност, посочува претседателот на Уставниот суд, е дека живееме во демократијата која е стабилина, но не е зрела се уште.
Зрелата демократија, како што вели, подразбира високо ниво на уставна и политичка култура, силно почитување на владеењето на правото, стабилни независни институции, институции кои го издржале тестот на времето и можат ефикасно да се справат со предизвици како политички кризи, економски, здравствени, какви било падови, длабоко вкоренети демократски норми кои ги почитуваат основните слободи и права на граѓаните.
Според Костадиновски, и зрелите демократии можат да се соочат со периоди на нестабилност, но при тоа, како што вели, тие не го губат својот основен демократски карактер.
-Оттука не може и не е дозволено македонското општество да „трепери” очекувајќи ја одлуката на Уставниот суд по одредено прашање. Не може бројни политички актери претпладне од уста да не ја вадат заложбата за правна држава, за владеење на правото, за евопски стандарди, а попладне да ги етикетираат одлуките на Уставниот суд како политички, етнички, верски, итн. Не може политиката како досега да се поставува над правото, да ги пречекорува со Устав исцртаните рамки, да прават правен хаос, кој создава политички хаос, и кога Судот ќе даде правен одговор на хаосот тогаш да се етикетира или одликите на Судот да се повод за некоја политичка тензија. Крајно време е да прејдеме во зрела демократија, од која бенефит ќе имаат сите граѓани без исклучок, нагласува Костадиновски.
Смета дека одлуките на Судот не треба да се гледаат како закана против некого или нешто, ниту како одлуки со кои се зголемуваат или намалуваат нечии права, туку треба да бидат прифаќани и да бидат орјентир, рамка за делување согласно наодите на Судот за сите останати власти, законодавна, извршна, судска, монетарна или локална. Да им помогнат, нивните дејствија, прописи или одлуки бидат усогласени со Уставот.
-Уставниот суд е на врвот на пирамидата која се вика владеење на правото, тој е најповиканиот да рефлектира правна сигурност, усогласеност во правниот поредок. За тоа постојат уставните судови, ништо повеќе ништо помалку. Тоа е мојот одговор до вас, а истовремено апел до граѓаните, државните органи, политичарите, ако навистина и мислат добро на Републиката, ако навистина сакаат правна држава во која ќе владее правото, своите јавно прокламирани ставови за европски стандарди, за владеење на правото, да ги усогласат со нивните дела и дејствија во практика, да ги усогласат со вистинските потреби на граѓаните за зрело демократско општество како најпожелно за нив. Секое делување надвор од овие рамки за мене е чиста манипулација со граѓаните. Доколку одлука на Судот по овој или кој било друг предмет може да ги наруши, како што велите, политичко-етничките односи тогаш се поставува прашањето дали сме воопшто и стабилна демократија? , нагласува Костадиновски.
На прашање на МИА што да очекуваме од Судот во врска со предметот познат како „Балансер“ кој е на дневен ред на седницата закажана за 18 септември, ако се земеме предвид дека е се поактуелно ова прашање и во политичките кругови, Костадиновски вели дека од Судот може да се очекува расправа во која ќе се презентираат и ќе се судрат уставно-правни факти и аргументи и одлука која ќе биде издржана и исклучиво уставно втемелена.
-Уставно-правната култура која е суштинска во случаите кога една стабилна демократија настојува да премине во зрела демократија, подразбира почитување на со Устав исцртаните граници на секоја од посебните власти, почитување на Уставот односно со него уредените надлежности и овластувања од секого. Пред Уставниот суд е поставено прашањето и ние сме должни да одговориме, а кој било друг државен орган согласно своите наоѓања може да постапува, да не постапува, да го чека исходот од Уставниот суд, итн. Јас не навлегувам и не е моја работа ниту надлежност да ги коментирам најавите, плановите, реакциите, ставовите на политичарите или на носителите на државни функции поврзани со т.н. „Балансер“, вели претседателот на Уставниот суд.
Потенцира дека само и само доколку секоја од властите правилно го разбере и го почитува начелото на поделба на власта кое е темелна вредност на нашиот уставен поредок, се придржува до надлежностите и овластувањата, ние можеме да зборуваме за правна држава во која владее правото, само така довербата на граѓаните во институциите на системот ќе биде повратена.
– За жал, нашата уставна реалност, нашата стварност говори нешто сосема друго, односно говори дека предолго време наназад прекршувањето и отстапувањето од оваа темелна вредност резултираше со девастирана правна држава и огромна, историски највисока недовреба на граѓаните во институциите на системот, нагласува Костадиновски.
Според него, само правно аргументирана и образложена одлука може да влијае на довербата на граѓаните во владеењето на правото.
– Државна институција (ДКСК) е подносител на таа иницијатива, прашањето што е поставено пред Судот несомнено создава дилеми во нашето општетство, наша должност е да ги отстраниме таквите дилемии на правно-авторитетен начин што ќе биде прифатено од секој. Но, да не прејудицираме, за краток период, јавноста ќе има можност да ги слушне сите факти и докази, аргументите на судиите и на Судот, вели Костадиновски.