Долгот кон домашните кредитори достигна 4,3 милијарди еврa, за една година зголемен за половина милијарда
Приватните пензиски фондови, осигурителните компании и банкарите – остануваат најголеми финансиери на државата. Заемите што и ги дале на Владата по основ на државни хартии од вредност се “бројат“ во неколку милијарди евра. На крајот на февруари годинава долгот на државата по основ на државни хартии од вредност изнесувал 4.310.000.000 евра, со тенденција на континуиран пораст во изминатиот период , пишува Порталб. Дури 52,3% од заемите од домашните кредитори се со рок на доспевање од 15 години.
За само 5 години, долгот кон домашните кредитори речиси дуплиран
Банките, пензиските фондови, осигурителни друштва и другите пазарни играчи и годинава ќе бидат извор за “домашни пари“. Новите податоци од Министерството за финансии покажуваат дека на крајот на февруари годинава, долгот кон домашните кредитори достигна 4.310.000.000 евра. Според пресметката на “Порталб“, во однос на истиот месец лани, задолженоста на државата преку хартии од вредност е зголемена за дури 572.500.000 евра и во овој едногодишен период долгот се зголемува секој месец, во континуитет. Само во првите два месеци од оваа година, задолженоста на државата на домашен терен е зголемена за 34.000.000 евра.
Долг по основ на хартии од вредност
Февруари 2026: 4.310.000.000 евра
Февруари 2025: 3.737.500.000 евра
Извор МФ
Иако задолжувањата на “домашен терен“ главно се објаснуваат со операцијата “нов заем за да се врати стар“, податоците покажуваат дека сепак се создава и нов долг. Само за 4 години, од јануари 2022 та година до јануари годинава, долгот кон домашните финансиери е зголемен за 1.874.000.000 евра. Во 2022 та вредноста на издадените хартии од вредност била 2.402.200.000 евра, денеска сумата се доближи до 4.300.000.000 евра.
2022: 2.402.200.000
2023: 2.504.333.000
2024: 3.123.000.000
2025: 3.732.306.000
2026: 4.276.000.000
Податоците покажуваа дека Пензиските фондови се најголемите кредитори на државата со нешто повеќе од 2.000.000.000 евра или со удел од 47,17% а зад нив се комерцијалните банки кои имаа купено државни хартии од вредност во износ повисок од 1.500.000.000 евра или со учевство од 35,53 %.
Домашни кредитори
Пензиски фондови: 2.034.000.000
Комерцијални банки: 1.531.352.000
Останати пазарни субјекти: 437.000.000
Осигурителни друштва: 265.220.000
Извор : МФ
Повеќе од половина од заемите од домашните кредитори , или 2.255.000.000 евра се преку државни обврзници со рок на доспевање од 15 години, 22,68% од заемот е со рок на доспевање од 1 година а 7,42% отпаѓаат на заем со рочност од 3 години. Од Владата најавуваат дека годинава ќе продолжи трендот на заеми со долг рок.
„Со цел ефикасно управување со јавниот долг, Министерството за финансии на среден рок ќе ја следи и можноста за евентуална предвремена отплата на дел од долгот, односно постигнување поповолна рочна, валутна и каматна структура на долгот“ – се наведува во Фискалната стратегија.
Годинава за отплата на домашно задолжување ќе потрошиме 323.636.400 евра додека кон странство треба да вратиме скоро 1 000 000 000 евра. Од годинашниот Буџет, 6% завршуваат за отплата само на камати по основ на заеми. Годинава, според буџетските проекции Јавниот долг ќе изнесува 62%, иако во ревидираната Стратегија за управување со јавен долг 2026-2028 се нотира ниво од 60% .
„За да се задржи нивото на јавниот долг во одржливи рамки, без притоа да се наруши фискалната одржливост , се утврдува лимитот на вкупниот јавен долг на среден и долг рок кој не треба да го надмине нивото од 60% од БДП“ – се наведува во документот.
Ланската 2025 та заврши со Јавен долг на ниво од 59,6% од БДП. Годинава во апсолутен износ тој ќе се доближи до 11.000.000.000 евра. Според новите проекции на Светска банка годинава Јавниот долг ќе достигне 62,9% од БДП.