Доларот силно порасна во 2024 година, цените на нафтата паѓаат втора година по ред
Вредноста на доларот во однос на кошничката валути утрово благо падна.
Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 107,95 поени, додека вчера во овој момент изнесуваше 107,99 поени.
Цела оваа година тој индекс пораснал за 6,5 отсто.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута скокна за повеќе од 10 отсто, па утринава се движи околу 156,50 јени.
Годинава и американската валута зајакна во однос на европската, за речиси 6 отсто, па цената на еврото последниот ден од годината беше околу 1,0415 долари.
Цените на нафтата, пак, втора година по ред се на патот на загубите.
Цената на барелот на лондонскиот пазар е во минус во однос на почетокот на годината за околу 3,2 отсто и утринава е околу 74,40 долари, додека на американскиот пазар барелот годинава поевтини за 0,6 отсто, па цената е околу 71,65 долари.
На Волстрит индексите годинава се на пат кон значително поголеми добивки, иако паднаа вчера, претпоследниот трговски ден во годината.
Индексот Dow Jones порасна за повеќе од 13 отсто од почетокот на годината, S&P 500 е над 24 отсто, а Nasdaq индексот е во пораст за околу 30 отсто.
Ваквиот силен раст е благодарение на еуфоријата во однос на развојот на вештачката интелигенција, која го поддржа растот на цените на акциите на технолошките компании, особено на т.н. „Величествените седум“ – Алфабет, Амазон, Епл, Мета платформи, Мајкрософт, Нвидиа и Тесла.
На пример, цената на Нвидиа, најголемиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција, се зголеми за околу 180 отсто оваа година.
Пазарот годинава беше поддржан со намалувањето на каматните стапки од страна на американската централна банка во три наврати, за вкупно еден процентен поен, што треба да го поттикне растот на економијата.
Дополнително, цените на акциите значително пораснаа благодарение на победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, бидејќи се очекува тој со своите политики да придонесе за растот на економијата и да спроведе дерегулација во повеќе области.
Цените на акциите годинава пораснаа и на европските берзи. Индексот на најважните европски акции STOXX 600 забележа раст од 5,5 отсто, значително побавно од MSCI индексот на најважните акции во целиот свет, кој скокна за повеќе од 16 отсто.