Документарецот „Примо да Круз“ премиерно во Кинотека


Креативниот документарен филм на Алексис Зеленски „Примо да Круз“ вечер во 20 часот премиерно ќе биде прикажан во Кинотеката. Филмот ќе биде прикажан и во скопското кино „Милениум“ и во кино „Манаки“ во Битола.

Филмот ја следи приказната на Примо да Круз кој штотуку излегол од затвор откако поминал 10 години зад решетки поради трговија со дрога, организиран криминал и оружен грабеж. Примо го познава само светот на затворот и криминалот. Сепак, му се нуди втора шанса – вратите му ги отвора светот на современата уметност.

– Ние редовно се среќававме, а помеѓу нас се разви однос на доверба и пријателство. Колку повеќе ми ја раскажуваше неговата приказна, толку повеќе сфатив дека тој е гласот на луѓето што ги запознав во затворот и толку повеќе ми стана очигледно дека тој ќе биде гласноговорникот на овие безгласни луѓе. Спонтаноста на Примо, неговата отвореност, автентичност, неговите парадокси, неговата приказна и неговите перспективи се сите елементи кои ја поттикнаа мојата желба за овој филм, вели режисерот Алексис Зеленски.

Ова е петти филм на француско-рускиот режисер Алексис Зеленски. По образованието по математика во Париз, тој завршил магистерски студии по политички науки во Чиле. Режирал различни документарни филмови во различни земји во светот (Франција, Нигер, Русија…). Неговите филмови се прикажани на повеќе меѓународни фестивали, како и на телевизиски канали како TV5 Monde и Canal Futura.

Во моментов, тој живее и работи на релација Париз и Рио и режира документарна серија за каналот CineBrasil TV на тема мигрантите во Рио де Жанеиро.