Документарец за Жан Пол-Готје на Скопски филмски фестивал
Во вторник (23.4) од 20 часот во кино „Фросина“ ќе се одржи проекција на документарецот за славниот дизајнер Жан Пол-Готје „Фрик и шик“, во рамки на Скопски филмски фестивал.
По проекцијата на филмот, ќе следи СФФ дискусија: Модата и родовиот идентитет со пранешната директорка на катедрата за модни студии/ теорија и професор на Стокхолмскиот универзитет Луиз Валенберг. Модератор на вечерта е Кристина Глигоровска, моден истражувач.
Еден од најистакнатите и највпечатливите дизајнери на висока мода, препознатлив по неговите импресивни и субверзивни креации – кои оваа сезона не се ниту фустани ниту парфем, туку раскошно модно шоу.
Документарниот филм „Готје – фрик и шик“ го следи извонредното и амбициозно двегодишно креирање на гламурозното кабаре на Готје за Фоли Бержер (најпознатиот кабаре шоу театар во Париз), што ќе ги внесе гледачите во ексцентричниот и често провокативен свет на овој генијалец. Филмот го следи создавањето и пробите за шоуто во период од шест месеци, што кулминира со премиера на шоуто. Структурата на ревијата ја следи хронологијата на 40-годишната кариера на Готје, а тој многу отворено зборува за својата животна историја која е преточена во самото шоу, што го прави овој биографски филм многу забавен и необичен.
Прикажувајќи го начинот на кој овој дизајнер-визионер комбинира високостилизирана кореографија, оригинална музика, екстравагантни костими и декоративна сценографија во една од најпознатите театарски сали во светската модна престолнина, „Готје – фрик и шик“ го прикажува најдоброто од францускиот гламур преку овој смел и живописен документарец што ги поместува границите на модниот жанр.