Дојче банк укинува 30.000 работни места


Германската железничка компанија Дојче Бан (Deutsche Bahn) објави значително поголема загуба во првата половина од годината и најави дека ќе укине околу 30.000 работни места во следните пет години. Во периодот од јануари до јуни, Дојче Бан работеше со нето загуба од 1,2 милијарди евра, повеќе од три пати поголема од истиот период лани.

Приходите се намалени за три отсто, на 22,3 милијарди евра. Компанијата минатата година ја заврши во минус, од 2,4 милијарди евра, приближно десет пати поголема од 2022 година, наведувајќи ги како причина инвестициите во модернизација на железницата, високите трошоци за енергија и задолжување и штрајкови.

Инвестициите во првите шест месеци достигнаа 7,3 милијарди евра и беа за 18 отсто поголеми од лани. Германскиот логистички гигант инвестира во инфраструктурата со поддршка на Владата, а менаџментот меѓу оптоварувањата на бизнисот ги посочува штрајковите и проблемите со одржувањето. Владата веќе и исплатила три милијарди евра на групацијата, така што нето финансискиот долг на крајот на јуни бил за една милијарда евра помалку од лани, забележуваат оттаму.

Сите делови од работењето на Дојче Бан мора да се вратат на профит, нагласи главниот финансиски директор Левин Холе. „За да го постигнеме ова, мораме значително да ја подобриме трошковната ефикасност“, додаде Холе и рече дека „нивната цел е да го намалат бројот на постојано вработени во следните пет години за околу 30.000“.

Планираниот број на отпуштања приближно одговара на „природната флуктуација“ на работниците во период од две години, тврди Холе, додавајќи дека само оваа година ќе бидат укинати 1.500 административни работни места.

„Во иднина мораме да обезбедиме повеќе железнички услуги со помалку луѓе“, заклучи финансискиот директор на Дојче Бан, додавајќи дека дигитализацијата и автоматизацијата ќе им помогнат во нивните административни „процеси“.