Доделени наградите за истражувачки стории на МИМ: Најдобри тие за трагедијата во Кочани


Фото: Б. Грданоски

 

Седум новинари и истражувачки тимови ги поделија трите награди за најдобри стории на јубилејното 25-годишно доделување на наградата за истражувачко новинарство на Македонскиот институт за медиуми- МИМ, која од 2013 го името на познатиот новинар Никола Младенов.

Првата награда ја добија сториите што ги истражуваат причините за пожарот во дискотеката во Кочани.

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) беше наградена за сторијата „Кочани – нашиот морален компромис“, тимот на емисијата „КОД“, кој што се емитува на телевизија Телма, за серијалот истражувања на оваа тема, а новинарката на „Фокус“, Ирена Мулачка, за текстот што го откри тајниот сопственик на агенцијата „Рубикон“.

Втората награда ја добија тимот на Призма/БИРН Македонија за дата-базата „Верски имоти под лупа“ и истражувањата што произлегоа од неа, како и новинарите Александар Методиев и Сузана Мицева за серијалот „Јаглен на раскрсница“.

Третата награда ја поделија новинарите Фисник Џелили, за сторијата за злоупотребите на средства за третман на кучињата-скитници во Тетово, објавена на порталот „Порталб“ и Александар Димитриевски, за новинарската приказна „Полициските специјалци ќе ги облекува модно женско студио и фирма регистрирана пред тендерот“, објавена во телевизискиот магазин „360 степени“.

Пофалници за истакнат новинарски ангажман им беа доделени на Мирослава Симоновска и Фросина Факова-Серафиновиќ од „Слободен печат“, Бјанка Станковиќ и Славица Филиповска Иванова и Михаил Милошевски од „360 степени“.

Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува од 2001 година.