Додека Тошковски работи, Џафери и Османи бркаат рејтинг во Минхен
Од околу 200 држави во светот на годинашнава Минхенска конференција ќе присуствуваат околу 60 лидери, а од нив дури двајца ќе бидат од Македонија. Покрај претседателот Стево Пендаровски кому тоа му е работа, таму отпатува и техничкиот премиер Талат Џафери кој, верувале или не, ќе дискутира со Олаф Шолц, Ентони Блинкен, Исак Херцог, Камала Харис и други светски политичари за војната во Украина, за ситуацијата на Блискиот Исток, за вештачката интелигенција, за политичките потреси од можното враќање на Доналд Трамп и за сајбер безбедноста. И тоа како тримесечен технички премиер на единствената држава во Европа, покрај Албанија, која нема преставник во Центарот за сајбер безбедност во Талин, бидејќи значењето на сето тоа не се ни сфаќа во Македонија ако не е повод да се оди на конференција.
И, настрана од тоа што секој кабинет си се организирал сам за одењето во Минхен, таму има и трета делегација предводена од шефот на дипломатијата Бујар Османи, чии апетити по претседавањето со ОБСЕ толку нараснаа што не може никако да „атерира“ на домашен терен. Практично, ако се остварат најавите во Минхен ќе имаме два можни претседателски кандидата и еден премиер кој служи само за подигање на рејтингот на ДУИ пред изборите, а дома ќе работи само министерот Панче Тошковски – бидејќи само тој очигледно знае дека гласовите се добиваат тука, а не во Минхен.
Иако Македонија не е пуст остров и мора да ги развива дипломатските односи, сега среде толку крупни проблеми и пред избори ама баш никој во светот не сака да се фотографира со македонски политичари, бидејќи знае дека ќе му се препише фаќање страна. Уште повеќе, вака како што отпатуваа одделно и некоординирано двете делегации, лесно може да се случи да бараат средби со исти соговорници и да ги стават во уште понепријатна ситуација. Во време пак кога стотици илјади граѓани, кои заради пасоши, кои заради сообраќајни, возачки или други дозволи без името Северна Македонија се будат и легнуваат со хистеријата „кога ќе добијам нови документи“, ваквото рашетување по светот гази по нервите на сите кои токму во Џафери и Османи гледаат одговорни за решавање на проблемот.
Од Минхен, пак, велат дека и конференција не е веќе тоа што беше, но и тоа е подобро од македонскиот раштиман оркестар наречен техничка влада, кој е полош и од тоа што очекувавме. Она што може да очекуваме е дека и овојпат, како пред два три дена, Османи и Џафери ќе направат фото сесија во македонскиот конзулат во Минхен додека некој иселеник аплицира за македонска патна исправа. (Н.В.)