Додека светот ја признава независноста, Палестинците се борат за опстанок: Децата во Газа постојано се тресат од звуците на експлозии


Додека сè повеќе земји ја признаваат Државата Палестина, израелската армија се продлабочува во најнаселените области на градот Газа, продолжувајќи ја својата офанзива.
Палестина сега е признаена од 80 проценти од членките на Обединетите нации, што е значаен дипломатски пробив по речиси две години војна, која се соочува со жесток отпор од Израел и САД.

Сепак, Израел тврди дека овие потези за признавање на Палестина ќе ги поткопаат изгледите за мирен крај на војната во енклавата, која е опустошена од израелските воздушни напади и хуманитарната криза.

Локалните здравствени власти соопштија дека израелскиот оган денес уби најмалку 22 лица низ Појасот Газа, од кои 18 во градот Газа. Министерството за здравство на Газа објави дека болниците во енклавата ќе останат без гориво во следните неколку дена, што ќе ги загрози животите.

Худа, мајка на две деца од градот Газа, за Ројтерс изјави дека жителите се беспомошни.

„Немаме пари да одиме на југ и немаме гаранција дека Израелците нема да нè бомбардираат ако го сториме тоа, затоа остануваме. Децата постојано се тресат од звуците на експлозиите, а ние се тресеме, тие бришат град стар илјадници години, а светот го слави симболичното признавање на држава која нема да го запре нашето убивање“, рече таа.

Ве потсетуваме дека претседателот Емануел Макрон објави дека Франција ја признала палестинската државност, што, вели тој, е пресвртница која веројатно нема многу да промени на терен.

Израел рече дека ваквите потези би ги поткопале изгледите за мирен крај на конфликтот.

Амбасадорот на Израел во Франција, Џошуа Л. Зарка, за Ројтерс изјави дека францускиот потег за признавање на палестинска држава во Израел се смета за непријателска одлука и дека ќе биде потребно да се обнови довербата меѓу Макрон и израелската влада.