Додека Кипар се евакуира, македонски пратеници одат во Никозија да дебатираат
Додека Кипар се евакуира, македонски пратеници, секогаш подготвени да се прошетаат на државна сметка, одат во Никозија да дискутираат за актуелната геополитичка ситуација. Како што известија утрово од Собранието, тие ќе учествуваат на Интерпарламентарната конференција за заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика што од 3 до 5 март ќе се одржи во Кипар. Според соопштението, конференцијата, во услови на актуелни геополитички предизвици, имала за цел да придонесе кон изградбата на поотпорна, пообединета и поефикасна ЕУ во областа на надворешната и безбедносна политика.
Веројатно откако претседателката Гордана Си1ановска-Давкова објави дека Македонија е безбедна, бидејќи сме имале резерви (тој „филм“ го гледавме за време на Ковид епидемијата и енергетската криза) и систем за предупредување, за кој никој не знае како функционира и што треба да следи откако ќе ни јават – дека ракета доаѓа кон Македонија.
Во состав на македонската делегација се претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Павле Арсоски, претседателот на Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија, Муса Џафери, како и членовите на овие комисии – Оливер Спасовски и Рашела Мизрахи.
Како што соопшти собраниската прес-служба, конференцијата е во рамките на парламентарната димензија на Кипарското претседателство на Советот на Европската унија, а организирана од страна на Парламентот на Кипар.
И додека нашите пратеници не се откажуваат, ЕУ утрово го откажа состанокот на министрите за европски прашања кој требаше да се одржи на Кипар во понеделник и вторник, бидејќи беспилотно летало погоди британска воздухопловна база на островот во текот на ноќта.
„Во раните утрински часови имавме еден, изолиран инцидент на беспилотно летало (дрон) кое ја таргетираше британската база во Акротири, Кипар“, изјави портпаролот рано во понеделник. „Со оглед на овој неочекуван развој на настаните, кој за жал влијаеше на денешните летови до Кипар, кипарското претседателство одлучи да го одложи“ неформалниот состанок на Советот за општи работи“, изјави портпаролот.
Пред да тргнат можеби е добро да ја прочитаат изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ кој се пожали викендов дека праќаат предупредувања до граѓаните да не патуваат бидејќи не е безбедно во одредени земји, а потоа мораат да трошат државни пари за да ги евакуираат со специјални летови.