Додека го носиме светот во џебот
ЕРОЛ РИЗАОВ
Веќе не се бавиме со „банални“ работи како квалитетот на животот и сиромаштијата. Не ја користиме таа слобода која одамна е извојувана во еднопартиското едноумие, обземени со повеќепартиското безумие
(Колумна за Дојче веле)
Кога е снеубавена и неизвесна иднината, носталгијата по минатото е лош избор на еден старомоден и конзервативен подостарен весникар да пишува за портал кој се чита на телефон и на компјутерски екран. Задоволството од шушкањето на новинската хартија кога се вртат страниците на весникот со првото утринско кафе е неспоредливо со алармот од звучниот сигнал на мобилниот дека стасала нова вест.
Таа зависност кон оловните испарувања е трајна, без оглед колку и да е свесен авторот дека времето го прегазува, колку и да е несоборлив и корисен фактот дека го носи светот во џебот складиран во 200 грама телефонче, колку и да ги прифаќа новите технологии. Вистина е, весникот, стариот добар пријател, станува бајат и здодевен уште пред да излезе од печатницата. Интернетот и социјалните мрежи за неколку минути веќе го обрале кајмакот. Ама крастата уште чеша, уверувајќи дека мудрата желка ќе го победи брзоплетиот исплашен зајак во нерамноправната трка.
На 3 мај читам иста вест 46 години
Утринава, на трети мај, како и секоја година на овој ден, пристигна истата вест: денес е светскиот ден на слободата на медиумите. Од Обединетите нации редовно повторуваат дека многу важна работа била слободното и независно новинарство, најзначаен предуслов за развој на демократијата. Ја читам оваа иста вест 46 години, секогаш проследена со податоци колку новинари загинале известувајќи од воени жаришта, колку се убиени под разни сомнителни околности, колку се уапсени, тепани, малтретирани… со задолжителна ранг-листа до каде стасала слободата или медиумскиот мрак во разни земји.
Овојпат прво се потсетив на седумдесеттите години од минатиот век кога ги пишувавме извештаите од излетничките места како работниците го прославуваат среќни и весели со песни и ора, и со богата софра празникот на трудот Први мај. Од сите краишта на Југославија пристигнуваа убави вести за големите достигнувања и успеси, а уредниците ги спојуваа во една збирна опширна информација дека во целата земја со разни манифестации свечено е одбележан празникот на работничката класа.
Насловните страници и ударни вести на радиостаниците и телевизиите почнуваа со честитките до работните луѓе. Насекаде течеше мед и млеко, а веднаш потоа следеа вестите од ужасниот свет како работниците излегнале на протести барајќи поголеми плати и подобри услови за работа, а полицијата со пендреци и водени топови ги растерува. Секогаш имаше повредени и мртви демонстранти. Тоа нас не нѐ засегаше. Живеевме спокојно во лажната идила дека „гнилиот капитализам“ само што не пропаднал.
Бели бубрези за работничката класа
Сѐ додека, чинам беше Први мај 1977 година, не видов на една насловна страница од југословенскиот печат една чудесна карикатура која ме шокираше. Во тоа време во месарниците имаше еден цртеж на категоризација на месото. Па, така, некаде кај вратот на нацртаното говедо пишуваше прва класа, кај ребрата втора класа, кај бутот трета класа, а кај белите бубрези, насликани обесени мадиња на кои пишуваше -работничка класа. Тоа беше силна потврда на сомнежот дека не се баш така идеални работите како што се прикажуваат.
Тие денови осамнаа и во нашите весници критики на синдикатите дека водат грижа само за свински полутки, јагнешки череци, канти сирења, пити кашкавал, сувомесни производи што им се делеа на работниците пред празниците, грижа за храната во работничките мензи, за осмомартовски екскурзии на жените, да се прават распореди за годишни одмори по фабричките одморалишта, да делат општествени станови, задолжителен К-15, плус плата за годишен одмор и толку. А каде се правата, подобрите услови за работа, повисоките плати… ништо од тоа, пишуваа коментаторите.
Си велам, а како е денес по 30 години откако дојде слободата и независноста? Ги нема ни едното, ни другото… ни големи првомајски прослави, ни полутките, ни работничките мензи, ни одмаралишта, ни се делат општествени станови, ниту има поголеми работнички права.
Ова се здодевни социјални теми за современите истражувачки новинари. Атрактивноста на меѓупартиските пресметки, на загрозениот национален идентитет, на меѓуетничките односи, на односите со соседите и со ЕУ, за историјата и за славното ни минато, за јазикот наш насушен, за тоа кој повеќе крадел и ја злоупотребувал власта, за тоа каде биле и што зборувале секој божји ден партиските лидери, за примитивните собраниски надмудрувања на нашите избраници, не оставаат простор да се бавиме со „банални“ работи како што е квалитетот на живеење на граѓаните, социјалните разлики, бедата и сиромаштијата, работничките права и други дребулии. Не ја користиме и таа слобода која одамна е извојувана во еднопартиското едноумие, обземени со повеќепартиското безумие.
Како стасавме на срамното 90. место
Ајде сега малку да ја погледнеме од еден друг агол последната ранг листа на „Репортерите без граници“ за достигнувањата во медиумските слободи во хибридниот режим. Сме биле на 90. скандалозно место од 180 земји во светот. Меѓу последните во Европа.
Навистина многу загрижувачки, со точни констатации и оценки дека и покрај подобрувањето само за две места сѐ уште сме на дното многу поблиску до тврдите режими, отколку до земјите со високи медиумски и демократски стандарди. Нормално и оправдано тоа е силен повод за остри реакции за ограничувањата, притисоците, заканите, корумпираноста на новинарите, за влијанието на власта и разни центри на моќ. И толку.
Ја нема никаде ниту анализата, ниту податоците како стасавме на тоа дереџе, освен неколку чесни исклучоци кои поминаа речиси невидливо. Главно работата се сведе на тоа дека власта е виновна што сме на тоа 90. срамно место. И тоа во најголем дел е точно, бидејќи властите се најодговорни за развојот на демократските процеси во земјата, што најмногу влијае и на нивото на медиумските слободи. Силно негативно влијание има и партизацијата и сопственоста на медиумите, што секако е само потврда на лошите состојби.
Е, сега да се вратиме малку назад и да видиме како стасавме до тука. Пред 15 години пред победата на парламентарни избори на ВМРО-ДПМНЕ 2006 година, Македонија од „Репортери без граници“ беше рангирана на 46 место во светот. Во 2009 година го достигнавме највисокото ниво рангирани на 34 место, каде што се денес САД и Велика Британија и некои високоразвиени демократски држави. Таа 2009 година е меѓникот од кога почнува драматичниот пад на медиумските слободи во Македонија паралелно со инсталацијата на режимот на Никола Груевски, заробената држава и високата корупција и процутот на организираниот криминал. Во 2014 година Македонија го достигна зенитотот на бруталната контрола на медиумите со рангирање на 123 место на светската ранг листа за медиумските слободи одржувајќи ги овие високи позиции сѐ до 2017 година, односно до најмачното и најтешко примопредавање на власта во парламентарната историја.
Груевизмот не е ланскиот снег
Што се случуваше во тие осум години страховлада и најжесток медиумски притисок кога било забележан во современата историја на Македонија? Буквален терор, корумпирање и затворање на највлијателните медиуми доколку не се на страната на власта.
Секој ден осамнуваа насловни страници со новинарски имиња прогласени за странски платеници и предавници, платени дебатни емисии само на истомисленици, на кои новинарите кои ја критикуваат политиката на владата беа сатанизирани како непријатели, хомосексуалци, комуњари, неморални, корумпирани… Вистинска пропагандна наезда од црнила, лаги, навреди и клевети невидени дотогаш во медиумскиот простор на Македонија. Новинарските шарлатани и полтрони станаа судии и обвинители, доктори на науки, кои по секој критички интониран текст носеа пресуди со јавни повици за линч и изрекуваа смртни пресуди. Партиските обвинители и судии одредуваа драконски казни на новинари и редакции во висина на неколку годишни плати.
Највлијателната телевизија А1 беше насилнички со полициска интервенција затворена со обвинување дека затаила данок, а вистинскиот мотив беше критичката опсервација за владините политики. Сопственикот и неговите најблиски соработници беа осудени на 112 години вкупни затворски казни. Додека власта и А1 беа во добри односи, еден вид коалициони партнери, никогаш не се постави прашањето за незаконско работење и неплатени даноци, иако надвор од законот телевизијата поседуваше и пишани медиуми.
Во декември 2012 година на црниот понеделник се случи срамното тепање на опозициските пратеници и насилното исфрлање на новинарите од нивните работни места во Собранието на Македонија. Ужасните слики на насилие го обиколија светот благодарение на мобилниот телефон на една пратеничка која го сними тој ужас за кој светот се подбиваше дека ќотекот не излегол од рајот, туку од македонскиот парламент. За тоа никој не беше казнет. Комисиите за истрага беа блокирани и по оценка на ВМРО-ДПМНЕ нивните наоди останаа запишани на тоалетна хартија.
Најголемиот медиумски скандал помина и најглуво покриен со црната сенка на обидот за државен удар на 27 април 2017 година. Точно пред четири години излегоа последните првомајски броеви на три водечки весници во државата. Во ист ден згаснаа „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“ ограбени од партиските сопственици на весниците и печатницата доведувајќи ги вештачки во стечај по поразот на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година.
Целиот период од четири месеци, колку што траеше блокадата за конституирање на новата власт, беа испразнети сметките на МПМ – најголемата медиумска куќа во земјата. И за тоа никој не понесе одговорност на вчудовидување на светот. Во еден ден да се изгаснат трите главни водечки весници во една држава! Тоа никаде не се случило досега ни за време на војна. Над 500 вработени во весниците, списанијата, во печатницата, во порталите беа исфрлени буквално на улица без никакво обесштетување. Стечајот сѐ уште трае и ќе трае во недоглед. Партиските газди сменија 15 главни уредници и уште толку уредници на рубрики за да ги партизираат медиумите. Сите уредници што спроведуваа професионално и етичко новинарство беа менувани преку ноќ, или принудувани на оставки.
Тогашните апологети на власта и егзекутори на своите колеги сега се најгласни за загрозените медумски слободи. Секоја чест на исклучоците кои имаа и тогаш и сега козистентен став со својот критички однос кон злоупотребите на власта, на примитивниот популизам, на национализмот и лажниот патриотизам, со осуда на организираниот криминал, висока корупција и се она што значи објективно и професионално новинарство.
И ете го сега крајниот резултат од 123 место во 2014 година на ранг листата на медиумски слободи на „Репортери без граници“, по подобрувањето кое почнува од 2016 година, денес Македонија е на 90. место. Тоа е подобрување од цели 33 места. Се разбира, никој не може да биде задоволен од оваа позиција кога веќе бевме незадоволни и од 34 место кое сега е недостижно. Треба многу да се сработи во развојот на демократските процеси и во борбата со криминалот и коруцијата за Македонија биде таму кај што беше 2009 година. Последиците од груевизмот и заробената држава не се исправаат лесно бидејќи главните актери се уште тука и работат во пропагандните фабрики за производство на лаги. Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е чувствителен кога ќе се спомене Груевски. Вели, „аман, пак ли за ланскиот снег“. Не е тоа снег, тоа е медиумски глечер над Македонија кој не се топи лесно.
(Линк до колумната овде)