Добротворна модна аукција на 31. Моден викенд Скопје


Традиционалната добротворна модна аукција на дизајнерски облеки и накит ќе се реализира вечер  од 19 часот во „Дајмонд карат офис“, организирана од КОНЕКТ и FWSK, под покровителство на Амбасадата на Франција. Темата „Мода и занаетчиство – колаборации помеѓу дизајнери и занаетчии“ ја потенцира врската меѓу традицијата и современоста. Средствата од аукцијата ќе бидат наменети за фондот на КОНЕКТ, за поддршка на граѓански организации што работат на достоинствена работа, образование и инклузија – уште една потврда дека модата може да биде чин на општествена одговорност.

Во аукцијата ќе учествуваат дел од водечките имиња на македонската модна сцена: Никола Булески, Никола Ефтимов, Лидија Георгиева, Изет Цури, Ирина Тошева, Олгица Ѓоргиева, Силвија Михајловска (Алшар), Катерина Тошева, MilkDesign, Terziya, “Be.”, Снежана Ефковска, Ивана Груевска, Радмила Давидовиќ Настев, Еснаф, Александар Стојанов – Зорин, Народни Носии и Marcy’s Handmade.

Со аукцијата, финишира програмата на 31. Моден викенд Скопје, чиј творец е Света Богова- Јовановска. Скопје од 29 октомври до 5 ноември повторно беше на мапата на регионалната модна сцена со концепт што не само што прикажува стил, туку го редефинира. Како најзначајна модна платформа во земјата, која повеќе од една деценија го поврзува светот на дизајнот, индустријата и културата, годинава под слоганот „Одржлива мода и креативна традиција – развој на иновативни практики во македонската модна сцена“, ја отвори дискусијата за модата како јазик на промените – општествени, културни и еколошки. Годинава со поддршка на Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес, и со УНИБанка како генерален партнер.

Света Богова-Јовановска, која и со својот изглед, стилски совршен, а ненаметлив, промовира домашни и странски брендови – таква моќна порака шири и со Моден викенд-Скопје/ Фото: Б. Грданоски