До утре туристичките агенции можат да се регистрираат за користење ваучери
Лиценцираните туристички агенции кои сакаат да работат со ваучери за туризам, до утре, 10 август, може дополнително да се регистрираат на платформата „Дома си е дома“. На овој начин, граѓаните кои добиле ваучери за туризам, освен во сместувачките капацитети ќе можат да ги искористат ваучерите и преку туристичките агенции кои ќе се регистрираат на платформата.
За да исполнуваат услови за пристап до платформата, туристичките агенции треба да имаат валидна лиценца за работа издадена од Министерството за економија и да ја прикачат на платформата.
Агенциите кои претходно се имаат пријавено на платформата „Дома си е дома“, а ги исполнуваат условите (имаат валидна лиценца) автоматски ќе бидат одобрени од страна на Министерството за економија.
Туристичките агенции може да понудат сместување, но и да вклучат дополнителни услуги како превоз до туристичките центри, екскурзии, водичи, прошетки. При реализација на ваучерот треба да имаат склучени договори со објектите за сместување (категоризирани). Треба да водат евиденција за секој корисник на ваучер (име и презиме на носителот на ваучерот, термин кога се користат ваучерите и назив на објектот во кој ваучерот ќе се користи). Доколку туристичката агенција нуди аранжмани, во договорот за аранжман треба да стои име и презиме на носителот на ваучерот, термин и времето кога ќе се користи и во кој објект.
Туристичките агенции до Министерство за економија ќе достават фактура за плаќање на искористените ваучери за туризам со прилог (листа со кодовите од ваучерот за туризам и име и презиме на носителот на ваучерот, име на објектот каде лицето престојувало и договори со угостителските објекти и објектите за сместување каде се искористени ваучерите). Со оваа можност, освен на туристичките агенции, Министерството им излегува во пресрет и на граѓаните кои имаат ваучери за туризам за да може да го искористат за повеќе услуги преку туристички агенции како што е превоз до туристичките места.
Како што соопшти Министерството за економија на 5 август, за 20 дена откако стартувала мерката ваучери за домашен туризам биле искористени над 8.400 ваучери. Ваучерите граѓаните ќе може да ги искористат до 15 декември 2020 година.
Ваучер за туризам се издава на вработени лица со низок доход заради плаќање искористена туристичка и угостителска услуга на сместување или услуга на сместување и исхрана во категоризирани угостителски објекти за сместување и преку даватели на туристички услуги, регистрирани вршители на туристичка дејност.