До кога ќе се фалиме со кибер безбедност, а ќе стигаат државни мејлови од небезбедни страници?


Фото: Б. Грданоски

Од Министерството за економија денеска стигна и покана, а подоцна и соопштение со новата мерка преку која ќе се вработат 300 луѓе, да помагаат на старци, деца и да вршат други општокорисни работи, но барајќи го огласот за да ги видиме условите кој сѐ може да се пријави и дали ќе треба да помине обука, наидовме на опструкција.  Страницата на Министерството за економија, www.economy.gov.mk не се отвораше, односно ни сугерираше дека доколку сакаме да ја отвориме тоа е на наша одговорност затоа што е небезбедна. 

Во предупредувањето пишува дека пред два дена истекол сертификатот. 

Вакви небезбедни мејлови не стигнуваат само од ова министерство и само сега. Исто небезбедни мејлови стигнуваа и од Владата во декември лани.

Министерството за дигитална трансформација, покрај тоа што чекаше со месеци да помине на Собрание неговото преименување, па министерот го ословувавме како министер за дигитална трансформација, а веб-страницата на неговото министерство уште функционираше под името Министерство за дигитално општество и јавна администрација, сега на новата страница е полно со небулози.

Прво, не наликува на страница на министерство, туку на некоја невладина организација со мисија, визија, цели… Нејсе, да не зборуваме за вкусови, кога ќе се појде на линкот MKSafeNet што треба да работи нa поттикнување на свесноста и знаењето кај децата, семејствата и едукаторите за одговорно користење на интернетот, повторно има небезбедна страница.

Исто, сертификатот истекол пред два дена.

На страницата на Бирото за јавни набавки пак, од пред некој ден стои објавата за „Одржување на системот за управување со документи“, нарачана од Министерството за дигитална трансформација, а според него, одржувањето ќе го врши турска компанија. 

Ако само ги погледнеме изјавите на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и на премиерот Христијан Мицкоски, ќе помислиме дека заштитени сме од кибернапади за век и веков. Двајцата во јануари годинава убедуваа дека се прави сѐ за да се заштитат податоците на граѓаните. Едниот (Андоновски) промовира Национална стратегија за за сајбер безбедност 2025–2028 година, што според него е стратешки патоказ за зајакнување на отпорноста и безбедноста на државата во сајбер просторот. Другиот пак (Мицкоски) во Воената академија во Скопје,  присуствуваше на завршната симулирана вежба која е дел од проектот за сајбер безбедност во Западниот Балкан, поддржан од  Обединетото Кралство.

Проектот се состои од три модули во кои се изврши евалуација на капацитетите на владините институции, беа развиени сајбер безбедносни стандарди, а денеска се реализираше и обуката за обучувачи на која беше реализирана и симулираната вежба базирана на сценарио за сајбер напад“, напиша Мицкоски на Фејбук тогаш.

Зошто, некако, не се чувствува безбедноста низ владините страници?