До 29 февруари продолжени замрзнатите цени
Владата донесе и Одлука за изменување на Одлуката за определување највисоки цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало
Владата одлучи ограничувањето на цените на основните прехрамбени производи да го продолжи до крајот на февруари. Според последната одлука, тоа требаше да заврши на крајот на овој месец.
Повеќе мерки донесе Владата синоќа на 222-та владина седница: Продолжено е ограничувањето на цените на основните прехранбени производи, вода и одредени видови пијалоци до 29 февруари; Утврдени се предлог измени на Законот за урбанистичко планирање со што за прв пат во 30 години се уредува пренамената на земјоделско земјиште, односно се забранува за земјоделско земјиште од 1 и 2 класа; Утврден е текстот на Предлогот на закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, со што се овозможува конфискација и без осудителна пресуда; Донесена е Програмата за печатени медиуми за 2024 година; Овластен е министерот за здравство да го потпише Анексот на Колективниот договор за здравствена дејност, за зголемување на платите на вработените во јавните установи во здравството, со плати пониски од минималната; Донесена е Уредба за правото на додаток на плата до 30% од основната плата, на вработени во буџетските корисници, заради специфичност на работата и зголемен обем на работа; Одлука за спроведување постапка за изградба на нов Технички ремонтен центар за потребите на Армијата
Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за изменување на Одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед.
Со донесените измени на постоечката Одлука, на предлог на Министерството за економија, се продолжува ограничувањето на цените до 29 февруари 2024 година, наместо до 31 јануари 2024 година, за определени видови основни прехранбени производи и тоа: ориз, брашно, леб и други пекарски производи, бисквити, наполитанки, тестенини, месо и производи од месо, млеко, јајца, сирење, кашкавал и други млечни проиводи.
Владата донесе и Одлука за изменување на Одлуката за определување највисоки цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало.
Со измените на постоечката одлука, исто така на предлог на Министерството за економија, се продолжува до 29 февруари, од претходно утврденото ограничување на цените до 31 јануари, за: минерална негазирана и газирана вода и негазирани и газирани пијалоци (сокови), во определени пакувања и светло пиво.
Владата, на денешната седница утврди и текст на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање.
Измените, како што е образложено од предлагачот, Министерството за транспорт и врски, се направени во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и со нив, за прв пат во 30 години, се уредува пренамената на земјоделско земјиште. Односно, се забранува пренамена на земјоделско земјиште од 1 и 2 катастарска класа – за изградба градежни објекти, а попрецизно се уредува пренамената на земјоделско земјиште од 3 и 4 катастарска класа за ваква цел.
Владата, на денешната седница, ја разгледа и донесе Програмата за печатени медиуми за 2024 година.
Програмата, според предлагачот, Генералниот секретаријат на Владата, е со цел да се спречи намалувањето на бројот на печатени медиуми, да се овозможи нивен одржлив развој и да се помогне во обезбедувањето медиумски плурализам.
Владата го утврди и текстот на Предлогот на закон за конфискација на имот во граѓанска постапка.
Со цел да се надминат правни празнини коишто претставуваат реален предизвик за демократијата и владеењето на правото, како што е посочено во Образложението од предлагачот, Министерството за правда, пристапено е кон уредување на прашањата за конфискација без осудителна пресуда, односно конфискација на имот во граѓанска постапка.
Предложените законски решенија, како што е посочено, се во согласност со документи подготвени од странски и домашни експерти, преку проект на Советот на Европа, а во коишто се оценува дека секое спречување на ланецот на користење имот и имотна корист од кривично дело, за кое има или нема правосилна судска одлука, значи поголем успех на државата да го заштити доброто на заедницата и на поединецот од организираниот криминал и корупција и нечесно стекнување на имот.
Владата ја разгледа и усвои и Информацијата од Министерството за здравство заради давање овластување на министерот за здравство за потпишување Анекс за изменување и дополнување на Kолективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија и на директорите, односно ВД директорите на јавните здравствени установи, за потпишување анекси за изменување и дополнување на поединечните колективни договори. Притоа, Владата го овласти министерот за здравство да го потпише Анексот за изменување и дополнување на Колективниот договор за здравствената дејност, со којшто се врши зголемување на платите на вработените во јавните установи во здравството, со плати пониски од минималната плата.
Владата, на предлог на Министерството за финансии, донесе Уредба за утврдување на поблиските критериуми и начинот на утврдување на висината за остварување на правото на додаток на плата на вработените во буџетските корисници на централната власт, единките корисници и фондовите.
Со оваа Уредба се утврдуваат поблиските критериуми за остварување на правото на додаток на плата и начинот на утврдување на висината за остварување на правото на додаток на плата до 30% од износот на основната плата, заради специфичност на работите и работните задачи и зголемен обем на работа на вработените во буџетските корисници од централната власт, единките корисници и фондовите.
Вработените во буџетските корисници на централната власт, единките корисници и фондовите, без избраните и именуваните лица, е предвидено да го остваруваат правото на додаток на плата во висина до 30% од износот на основната плата, само доколку во Буџетот на буџетскиот корисник, единката корисник и фондовите, во делот наменет за плати, има обезбедено средства за оваа намена. А, додатокот на плата се исплаќа за временски период од најмалку еден месец и најдолго до крајот на тековната фискална година.
Владата на денешната седница ја разгледа и усвои и Информацијата од Министерството за одбрана, за потребата од изградба на нов Технички ремонтен центар, за потребите на Армијата на Република Северна Македонија.
Владата го задолжи Министерство за одбрана да спроведе постапка за изградба на нов Технички ремонтен центар согласно соодветната законска регулатива, со доделување градежно изградено земјиште во КО Ѓорче Петров 4 – Влае, со вкупна површина од 35.701 м2.