Дневник од карантинот на еден актер (3)
ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ
„Што правиме ние тука, тоа е прашањето. А нашиот благослов е во тоа што ние случајно го знаеме одговорот. Да, во оваа огромна збрка само ова нешто е јасно. Ние го чекаме Годо да дојде…“ Семјуел Бекет, „Чекајќи го Годо“ (чин II)
Поривот да се верува во божественото е длабоко човечки. Секој копнеж по совршенството е всушност непрестано трагање по божественото. Поаѓајќи од сопствената човечка, но пред сѐ уметничка природа, не постои уметничко дело кое не е потрага по апсолутната убавина и кое во својата суштина не ја допира другата страна на земното. Речиси секоја голема и врвна книжевна, филозофска и уметничка пројава е на своевиден начин набожна, дури и оние кои го отфрлаат божественото како принцип. Изборот за неверување во божественото, никако не го исклучува неговото постоење во нашето лично доживување, разбирање и толкување на светот и животот.
Чудесното слегување на благодатниот оган, кој два милениуми ја симболизира вечната светлина на воскресението, го најави најголемиот христијански празник Воскресение Христово. Велигден – Празникот над празниците, за првпат го дочекавме во карантин. Единствено и само во нашето лично, интимно доживување на духовното значење на Христовата победа на животот над смртта и повторното воскреснување на надежта. А заедно со неа, и воскреснувањето на природата во победата над човекот, како нејзин изгубен, оттргнат дел. Китови пливаат во Јадранското море, срна во Дојранското езро, а водите на светата река Ганг во Индија повторно се питки. Симболичен чин на природата за простување на гревовите на човекот и пат за негово спасение.
Животот во корона кризата станува дива борба за опстанок. Активиран е инстинктот за преживување. Луѓето само во процепи ја живеат слободата. Економијата дише на апарати. Човештвото е на испит. Што ќе биде поважно: луѓето или економијата? Човечката глупост и алчност не запираат дури ни пред општата пропаст. И во кризата, само профитот е важен. Парите сè уште го движат и мотивираат светот. Тие сѐ уште се мерната единица по која сѐсе крои и прилагодува. На штета на животот, на луѓето, на здравјето, на планетата.
Сакале или не, короната полека но сигурно се дефинира како нов начин на живот. Наш гуру, тренер за личен раст и развој. „Седи дома“ е мантра за преживување, маските и ракавиците заштитен знак од нашиот нов аутфит, а апликацијата „Стоп корона“ дигитална алатка која во иднина ќе не спојува и раздвојува во животот како непрестана борба против вирусот. Несомнено, короната е само вовед во нова ера на дигиталност и вештачка интелигенција, која за луѓето ќе биде само нов неред, нова збрка, нова дезинтеграција.
Сега, кога животот е како во конзерва, без основните адитиви кои му ја даваат вистинската убавина, главна состојба на духот и мислата станува чекањето. Заедно со времето и надежта. Времето во чекање најдолго трае и најбавно тече. А надежта е прва и последна точка на секое чекање. Нестрпливо чекајќи го крајот на кризата, живееме во надеж дека нешто ќе се промени во иднината. Но што правиме за тоа навистина да се случи? Чекаме. Го чекаме животот. Го чекаме излезот. Го чекаме чудото наречено слобода.
Како вистински заробеници во жанрот на трагикомедијата, времето во чекање го пополнуваме со тривијалноста на животот. Чекање. Тој збор со кој може да се опише целиот наш живот. Ние впрочем цел живот нешто чекаме. Го чекаме него, роденденот, викендот, понеделникот, летото, одморот, таксито, погледот, одговорот, признанието, заборавот и животот. Ја чекаме неа, зората, љубовта, новата година, вечерата, платата, насмевката, вистината, поканата, судбината и смртта.
Чекањето е состојба без временска и просторна одредница. Тоа е ситуација без почеток, средина и крај, која однапред е осудена на бесконечно повторување. Најизразено е помеѓу чувството на несигурност, неизвесност, заглавеност и постојано осцилирање во интензитетот на надежта. А најтешко е во самотија, во залудни очекувања, помеѓу лажни вредности, во свет лишен од секаква смисла.
Секое чекање настанува повеќе заради присуството на едно отсуство, отколку заради отсутноста на една присутност. И речиси секогаш е врзано со сеприсутното чувство на бесмислата на светот и животот во него. Ставена во ситуација на чекање, голата човечка егзистенција ја открива сета очајна безнадежност на човечката судбина во свет на невозможна комуникација. На чекање е осуден само немоќен човек, изгубен во свет кој повеќе не може да одговори на неговите суштински прашања.
Чекањето е една од најтешките задачи во актерската игра, бидејќи се противи на основната театарска логика, која подразбира случување, акција, дејство, конфликт кој е во основата на драмата. Чекањето само по себе е дејство на неслучување, лишено е од секаква смисла и цел. Затоа е и апсурдно, бидејќи е тотално неизвесно и немотивирано. Чекањето не е ништо друго освен одраз на нашата осуденост на чекање, а во неа чекањето е само илузија, привид. Всушност, чекањето е само друг збор за нашата немоќ пред судбината која е нема и глува за целата наша загриженост и за сето наше страдање.
Сега, без трансцеденција кој би го осмислувала, нашиот живот се претвора во вечно чекање на нешто нејасно и неизвесно. Живот помеѓу надежта и ништото. А секоја монотонија и празнина од животот наметнуваат само гротескни мисли, размислувања и однесувања. Тие произлегуваат од нередот во светот кој е само одраз на нередот внатре во нас.
И така, нашево место за чекање почнува да наликува на вистинска антидрама, иста како онаа Бекетовата „Чекајќи го Годо“. Животот ни станува театар на апсурдот, со елементи на црна комедија и непријатен хумор, откривајќи го мрачниот и трагикомичен поглед на нашата природа, во која менталитетот е алиби за сѐ. А сите ние, како и главните протагонисти на Бекет, Владимир и Естрагон, стануваме немоќни заложници на апсурдниот и бесцелен контекст, напразно губејќи си го животот во чекање на излезот и спасот, во чекање на нашиот Годо. А кој е Годо? (God, анг.=Бог, мак. Можеби?!) Не знам. И не можам да знам. Не знае ни авторот на драмата. Но едно со сигурност знам. Животот поминат во чекање е само сенка на вистинскиот и убав живот. Исто како што потрагата по надеж, всушност е самиот чин на надежта.
(Васил Зафирчев е актер)