ДКСК за СЈО: Не се гаси институција за еден кауч, политичка волја за борба со корупцијата нема


Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција,Билјана Ивановска, денес ја одржа последната прес конференција, горда што нејзината институција покажала интегритет во работењето, но разочарана од сознанието дека политичка волја за справување со корупцијата во државата нема, што го илустрираше со покренувањето на 59 иницијативи за разрешување и 56 иницијативи за кривично гонење – а ниту за една од нив нема разрешница.

Нејзин и впечаток на другите во ДКСК е дека вака веќе не може и дека сериозно треба да се реформираат институциите, ДКСК да може да поднесува тужби а не иницијативи што никаде не завршуваат, да им се дадат ресурси и сите институции да почнат да си ја работат работата – бидејќи тие не можат да ги компензираат јавните обвинителства, истражните органи и судовите. Во тој контекст таа се осврна и на единствената институција што имаше моќ нешто да постигне, но со сложен договор на политичките партии беше избришана – СЈО,  а сега се гледа и зошто. 

-Да згазиш една институција  за еден кауч, тогаш кога почна да дава резултати, не оди. Таму имаше чесни обвинители, истражители, експерти, а институцијата отиде, порача Ивановска пред новинарите. 

За неа апсурна е и лажна иницијативата на ДУИ за ветинг бидејќи ако сакаат да се спроведе, можат да почнат да го спроведуваат меѓу своите. 

-Избори се ближат, па се вади повторно темата. Излегуваат со барање за ветинг, а никој досега не излезе со идеја како да се спроведе. Ветингот може да се спроведе и без нов закон ако имате систем на вработување и именување на позиции според заслугите.  Што ги спречи ДУИ да направат ветинг во своите редови, односно да не предлагаат луѓе на позиции за кои не ги исполнуваат условите? – праша Ивановска. 

Нури Бајрами, пак, посочи дека кога пред пет години почнале со работа, почнале со иницијативата за злоупотребите на Рамиз Мерко и на Општина Струга и, иако сега е и на црната листа на САД, разрешница за нивната иницијатива нема.Во Општина Струга уште во 2010 година била воведена стечајна управа и таа се финансирала со судски одлуки за потребен минимум, но ист претседател на судот реши да го зголеми тој минимум  – и до  ден денес за тоа нема разрешница, рече Бајрами. 

Запрашана, пак, дали ќе поднесат како ДКСК иницијатива за одговорност за новиот премиер Талат Џафери кој се паркираше со службен автомобил на плоштадот за да пие кафе и за албанските новинари што се возеа со службени возила ,Ивановска рече: 

-На три дена пред крајот на мандатот немам намера да поднесувам никаква иницијатива. Кабинетот на Славица Грковска не функционира, а тука е МВР и оваа институција треба да види кој паркирал и каде. Системот треба да функционира. Повеќепати укажувавме за злоупотребата на службените автомобили и канцеларии, функционерите беа предупредени и – резултати нема. Очигледно потребни се поригорозни мерки бидејќи поради неказнивоста немаат никаков страв. Ние уште во 2021 година побаравме табличките на службените возила да бидат во различна боја за да ги препознаваат граѓаните, но тоа не се спроведува бидејќи не сакаат да се знае  како се злоупотребуваат. Се нема искрена политичка волја  да се скратат голем дел од непродуктивните трошоци, рече Ивановска. 

Таа сепак посочи на некои чекори напред, од капацитетот на институцијата до статистиките. Според неа, кога почнале имале 22 луѓе а сега се  50, на државата и донеле над 120.000 евра од изречени глоби, провериле над 11.332 имотни листови, двојно им се зголемила довербата во јавноста и, што е најважно, отвориле 5.283 предмети од кои решиле 2.872 – за корупција, за судир на интереси, за изборни незаконитости  и за лажно декларирање на имотна состојба. На оценката дека сепак не успеале да покажат резултати околу проверката на имотите како што биле очекувањата, Ивановска рече дека уште пред 4 години побарале да се донесе закон за испитување на потеклото на имотот, но иницијативата финиширала со промена на идејата , како нацрт закон за конфискација на имот без пресуда, за што ДКСК рекла дека во наши услови не е добра одлука. „Повеќе од тоа не можевме да направиме“ , рече Ивановска илустрирајќи со ваквите предлози практично како се опструирале системски сите обиди за справување со корупцијата.

Цел на ДКСК, рече таа, била да не го завршат мандатот со незавршени големи случаи , па беше задоволна дека поднеле иницијативи за кривични пријави за договорот со Бехтел и Енка, за аферите со мазутот и со струјата, за економската зона во Тетово…Бајрами пак посочи два други случаи кои не завршиле со санкција, но тој завршил со кривична пријава за клевета од Агенцијата за спорт и млади околу аферата со ваучерите. Вториот случај бил за незаконското водење на матичните книги кое предизвикало сериозни ризици за откривање и злоупотреба на личните податоци, но јавниот обвинител ги отфрлил сите наоди. Тој ги спомена Рамиз Мерко и Кочо Анѓушев посочувајќи дека за првиот од црната листа на САД иницијативата за покренување истрага ја отфрлило Обвинителството, а за вториот Владата. 

-Еве, погледнете низ прозорецот и ќе го видите „Холидеј Ин“. Па, проверите од кога ја дадовме кривичната пријава  и се уште никој не постапува, кажа Ивановска.

Зошто за ниту една иницијатива нема разрешница – таа упати да се прашаат тие што се надлежни да ги водат процесите, од Обвнинителствата , судовите, финансиската полиција и натаму. 

-Секој треба да го мете својоот двор. Не можеме ние да одговараме за цела држава,рече Ивановска додавајќи дека ниту една препорака што ја дале а што значи реформа, не била спроведена. „Толку е улогата на превентивните органи, како што е ДКСК„, рече таа, заклучувајќи дека од нивна страна се е сработено за пет години, а во државата ништо не е сменето. И таа, и Бајрами оценија дека треба да се отвори дебата за бројот (над 1.300 ) и за функционирањето на државните институции, а Бајрами и додаде дека веќе немаме ни време вака да функционираме и дека дека надлежностите што се пропишани за ДКСК со закон се неизводливи без да имаат истражители, специјалисти на разни области , потпирајќи се на само на секретаријат со луѓе државни службеници. Ивановска, сепак, им порача на идните корупционери дека институцијата сега е поопремена од претходно, дека има подобри алатки на располагање и дека најбитно за нивната работа е да си го зачуваат интегритетот, порачувајќи дека тој се носи со себе и ќе им биде најдобра заштита во работата.