ДКСК ненадлежна по пријава за екс директор на АД „Аеродроми“ 


Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешната седница констатира судир на интереси односно неизземање при гласање како посебна состојба во која се нашол член на Совет на Општина истовремено претседател на Здружение на граѓани, при доделување општински буџетски средства за програмски активности на Здруженија на граѓани. ДКСК бара да се поведе постапка согласно прекршочните санкции и законски надлежности на ДКСК.

Софка Пејовска Дојчиновска, член (ДКСК), која го образложи предметот информира дека е поднесена пријава против член на Совет на Општина истовремено и претседател и сопственик на Здружение на граѓани, кој учествувал во постапка за доделување средства од Општината согласно програмата за покривање на програмски активности на Здруженија на граѓани од општината за минатата година.

– Тој не се изземал при расправата во конкретната ситуација и сторил прекршување на законските одредби. ДКСК констатира дека тој сторил повреда на законските одредби. Тој учесевувал и гласал за доделување средства на Здружението, кое пак, согласно податоците од Централниот регистар, тој е и основач и сопственик на истото. Всушност, не дошло до склучување на договор меѓу Општината и Здружението односно средства од буџетот на Општината не се трансферирани на Здружението, каде членот на Советот и сопственик и е раководно лице, рече Пејовска Дојчиновска.

На седницата Пејовска Дојчиновска, информира и за поднесена пријава од познат подносител, како што рече таа, во два реда, во која подносителот се сомнева дека поранешниот директор на АД „Аеродроми“ на РС Македонија иако знаел дека Еуростандард банка е во криза и ќе има проблеми околу тоа, пари на АД „Аеродроми“ ги депонирал во оваа банка.

Според Пејовска Дојчиновска, нема никакви елементи за пеземање на какво било дејствие и ДКСК нема никаква надлежност.

По предмет против две лица вработени МВР- СВР Куманово, во својство на претседател и член на дисциплинска комисија, кои постапувале по предлог за покренување постапка за утврдување одговорност заради кршење на работниот ред и дисциплина против подносителот на пријавата, ДКСК одлучи пријавата со пропратната документација и записници да биде доставена до Одделот за вантрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР.

ДКСК бара да биде известена за постапката на внатрешната контрола во МВР по овој случај.

Подносителот на пријавата, а тоа е лицето против кое се водело постапка, појасни Владимир Георгиев, член ДКСК, смета дека овие две лица биле во состјба на судир на интереси и оти пристрасно ја воделе постапката и биле должни да ги преземат сите неопходни мерки за да го спречат влијанието на приватниот интерес и за тоа да го известат својот претпоставен.

– Се работи за првото лице дека подносителот на пријавата бил во нарушени меѓучовечки односи, а за вториот – член на дисциплинската комисија, претходно подносителот бил во својство на претседател на Комисија против кого се водела дисциплинска постапка. Имаме обратна ситуација, лицето кое претходно било предмет на дисиплинска постапка, сега е член на комисијата против лицето кое претходно било претседател на таа дисциплинска комисија, образложи Георгиев.

Георгиев смета дека се работи за специфични наводи и се однесуваат на дејствија на овластени лице од МВР при водење на дисциплински постапки.