ДИЖС му даде задолженија на „Усје“, ако не ги исполни ќе им ја одземе дозволата


Цементарница „Усје“ ќе мора во двата котли за загревање на фабриката да користи природен гас како гориво и да изведе соодветен приклучок за вршење мерење на емисии со акредитирана метода, откако Инспекторатот за животна средина денеска им издаде задолжение со рокови.

Доколку се утврди оти Цементарницата „Усје“ не постапува согласно решението од Инспекторатот, од ДИЖС додаваат дека ќе поднесат барање за поведување на прекршочна, односно кривична постапка пред надлежните органи и ќе отпочнат постапка за одземање на добиените дозволи и овластувања на фабриката.

– По спроведените мерења на емисија на гасови во Цементарницата „Титан – Усје“ во Кисела Вода на 3 и 4 јануари, кои покажеле трипати поголеми количини на гасови од дозволеното, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) донесе решение со кое на фабриката ѝ се определуваат задолженија што треба да ги исполни во одреден временски рок поради утврдените недостатоци.

Покрај задолжението за користење природен гас, „Усје3 се задолжува да изведе соодветен приклучок за вршење мерење на емисии со акредитирана метода.

Во рок од 10 дена откако ќе биде користен природен гас како гориво за загревање на фабриката, пак, „Усје“ треба да изврши мерење на емисијата на гасови од оџакот на котелот кој ќе биде во функција.

Петнаесет дена по приемот на решението, во присуство на државен инспектор за животна средина, во Цементарницата треба да се направи мониторинг на сите емисиони точки од производните процеси со акредитирана лабораторија за животна средина.

– Трошоците од анализата направена на 3 и 4 јануари 2023 година ги сноси субјектот на инспекциски надзор бидејќи е утврдено дека примероците не одговараат на пропишаните стандарди согласно А-ИСКЗ дозволата. Рокот за реализирање на задолжението е 10 дена од приемот на решението – додаваат од Инспекторатот.

Доколку се утврди оти Цементарницата „Усје“ не постапува согласно решението од Инспекторатот, од ДИЖС додаваат дека ќе поднесат барање за поведување на прекршочна, односно кривична постапка пред надлежните органи и ќе отпочнат постапка за одземање на добиените дозволи и овластувања на фабриката.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, вчера на вонредна прес-конференција рече дека при вонредни контроли во Цементарницата „Титан – Усје“ на 26 и 27 декември лани и 3 и 4 јануари годинава било измерено дека фабриката испушта трипати поголеми количини ПМ 10 честички од дозволеното. Поради поголемиот испуст на гасови и загадување на воздухот, Арсовска објави дека поднесува кривична пријава против Цементарницата.

Цементарницата „Усје“, пак, ја демантира Арсовска велејќи дека во јавноста изнела неосновани ставови и додадоа оти месецов не биле измерени повеќе од дозволените емисии, а во декември воопшто не биле правени мерења.

Мерењата на 3 и 4 јануари, како што посочија од компанијата, покажале дека нема корелација помеѓу работата на цементарницата и квалитетот на воздухот во градот бидејќи резултатите од сите емисии точки во производствениот процес покажале оти границите не се надминати, а концентрацијата на ПМ 10 честичките измерени во фабриката биле дури и помали од други мерни места во градот.

Во однос на тоа дека за загревање на просториите во фабриката користеле мазут наместо гас, од „Усје“ посочија дека тоа е е прекршување бидејќи овој енергенс е дозволен согласно А-интегрираната еколошка дозвола што ја поседуваат. Но, наведуваат дека биле регистрирани отстапувања кај еден од параметрите, а согласно тоа, како што посочија, ќе ги имплементираат препораките на инспекторатот и ќе направат замена на енергенсот со природен гас.

Надминување на вредностите на азотен оксид е регистрирано кај котларата за парно греење во Цементарница УСЈЕ, покажува извештајот на ДИЖС

По извршените вонредни инспекциски надзори за амбиенталниот воздух во Цементарница УСЈЕ, Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека измерените параметри од двете печки за азотен оксид (NOx), сулфур диоксид (SO2) и прашина се во рамки на дозволени концентрации според А-интегрираната еколошка дозвола, а од котларата за парно греење која користи мазут, покажуваат надминување на азотни оксиди и изнесуваат 711,9 милиграми на метар кубен.

– Поради надминување на прагот за алармирање во однос на квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопје, Државниот инспекторат за животна средина, во соработка со Инспекторатот за животна средина од Град Скопје, изврши вонреден инспекциски надзор над Цеметара Усје на ден 30 декември 2022 година, при што се побарани извештаи за мерења од двата испусти од печките 3 и 4 за 28-29 декември 2022 година. Исто така, вонреден инспекциски надзор е извршен и на 3 јануари 2023 и 4 јануари 2023 од страна на Државниот инспекторат за животна средина во соработка со Инспекторатот за животна средина на Град Скопје и акредитирана лабораторија, која изврши мерење на емисија на гасови и прашина од оџаците на двете печки за клинкер. На 4 јануари 2023 година извршени се мерења на емисија на гасови од оџакот на парниот котел со моќност од 4,2 мегавати кој користи мазут како гориво, образложија од МЖСПП.

Цементарница УСЈЕ: Емисиите постојано се под граничните вредности определени со закон

Емисиите од работата на Цементарница УСЈЕ постојано се под граничните вредности определени со Закон, соопштија денеска од фабриката. Од 2007 година, емисиите на Цементарница УСЈЕ се мониторираат 24 часа, 365 дена во годината од страна на независен, автоматски систем за мониторинг (вкупна прашина, SO2 и NOx), кои се контролирани од страна на надлежните органи. Компанијата не е во можност на каков било начин да влијае врз резултатите, соопштија од Цементарница УСЈЕ.

Додаваат дека производството запира доколку филтрите не работат и оти технолошкиот процес оневозможува работа на погонот без работа на филтрите.

– Цементарница УСЈЕ не влијае врз зголемување на присуството на ПM10 честички во воздухот
Паралелното мерење на амбиенталниот воздух (ПM10 честички) во кругот на Цементарница УСЈЕ не покажува меѓузависност со состојбите со амбиенталниот воздух измерени на други мерни станици, надвор од цементарницата. Работењето на компанијата постојано е следено од страна на Државниот инспекторат за животна средина, наведуваат од УСЈЕ.