Директорот на Тутунскиот комбинат во Прилеп се брани од нападите на ВМРО-ДПМНЕ
Генералниот директор на Прилепскиот тутунски комбинат денеска со реакција, на, како што рече, инсинуациите и атакот врз него од носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ во Изборната единица 4, Александар Николоски.
Николоски на собирот во Прилеп праша зошто е директор на комбинатот кој зема 3.500 евра плата месечно, или 5.500 евра бруто, а од друга страна тутунарите се понижени и неплатени.
Станкоски е категоричен дека се инсинуации. Наведува дека неговата плата и платата на менаџерите ги одредува бордот на директори, се проверува на Акционерските собранија со извештаи за работењето. Неговата јануарска плата, појаснува, е дополнета со додаток за неискористен одмор, во април зел минимална, а разликата ја донирал во Фондот за борба со корона вирусот.
-Според пресметката за платата за јануари, утврдена е со спогодба од Синдикатот според која се утврдува и надоместот за неискористени денови од одморот, доколку вработениот тоа го побара. Бидејќи лани искористив само пет дена од одморот, во јануари добив доплата за неискористениот одмор. Моите примања се јавен податок, изјави Станкоски.
Станкоски вели дека откако е директор, компанијата работи со добивка, наспроти состојбата пред три години кога загубата достигнала близу шест милијарди денари или 95 милиона евра.
– Во 2017 година кога дојдов на функцијата, кога беше ВМРО-ДПМНЕ на власт, а Николоски пратеник, загубите на Тутунски беа 5.870.493.755 денари. Освен тоа, акционерскиот капитал е сменет со три одлуки во периодот од 2006 до 2017 година. Издадена е втора емисија хартии од вредност, обични акции. Со вкупната загуба од 95 милиона евра на тогашните раководства комплетно е срушена сопственичката структура и од 35 проценти сопственост на државата, а 55 насто на акционерите, сменето е на 82 насто државна сопственост, а акционерите имаат само 10 проценти. Со напорна работа во три години успеавме компанијата да ја доведиме со позитивни финансиски резултати. Лани добивката беше 700.000 евра, а оваа година со продавањето на вишокот тутун пак ќе имаме позитивен финансиски резултат. Платата на вработените е зголемена преку 25 насто, секоја година се исплаќа К-15. Деновиве, според сите законски основи, ќе биде исплатен регресот од 21.000 денари, рече Станкоски.
Генералниот директор на Прилепскиот тутунски комбинат вели дека годинава тутунарите се задоволни со откупната цена и со развојните субвенции.
– Комбинатот им исплати на кооперантите 11 милиона евра за откупениот тутун. А фактите за движењето на откупните цени покажуваат дека во 2010 година, просечната откупна цена беше 136 денари, наредната година 164 денари, потоа 180 денари, па 152, а субвенцијата фиксна – 60 денари за килограм. Последниве три години, цените се далеку повисоки: во 2017 просечната откупна цена беше 217,6 денари, во 2018 беше 214,2, а лани дури 220 денари. На ова, има развојна субвенција од 72 денари за еден килограм. Вкупно, секој тутунар по килограм има приход од 290 до 300 денари што е еднакво на познатата изрека во Прилеп: еден килограм тутун со еден килограм сирење, изјави Станкоски кој нагласува дека не може да се негира дека има задоволни тутунопроизводители, а Тутунскиот комбинат остварува добивки.