Директорот на СОЗР бара од СДСМ да се извини, тврдењата биле лажни
Ивица Томовски, директорот на СОЗР, ги нарече тврдењата на СДСМ за испумпување на на државни пари преку фирма поврзана со неговото семејство „клевети и измислици“. И побара опозициската партија да се извини.
„Денес ги гледаме нивните соопштенија – безобразни, малициозни, полни со клевети и измислици. Тој нивен примитивен стил не е политика, туку обид со гнасни конструкции да се прикрие сопствениот очај. Да се прикрие неспособноста која ја видовме седум години. Да се прикријат предавствата што им ги направија на граѓаните. Да се прикрие корупцијата која го изеде секој сегмент од државата — од пасоши до тендери, од енергетика до здравство, од локални до централни институции.
Посочената компанија не е моја, ниту пак имам каков било удел во неа. Јас во моментов немам никаква приватна компанија и единствено сум насочен кон мојата работа како директор на Службата за општи и заеднички работи. Целиот мој живот работам чесно, одговорно и посветено, така и ќе продолжам.
СДС ќе мора да се извини поради изнесените клевети, во спротивно ќе поднесам тужба пред надлежните органи“, вели Томовски во реакцијата.