Дипломатскиот кор на прием кај Пендаровски


 

Претседателот на државата Стево Пендаровски се обрати на традиционалниот годишен прием што за претставниците на дипломатскиот кор, акредитирани во Македонија, го приреди вчеравечер во Скопје.

Пендаровски, во обраќањето, како што информираат од неговиот Кабинет, порача дека зад нас е година исполнета со бројни активности и заложби за унапредување на односите меѓу Северна Македонија и државите коишто ги претставувате и им изразил особена благодарност за нивниот ангажман и придонес.

@Како претседател на држава којашто се наоѓа во турбулентен регион, во изминативе, безмалку пет години настојував да водам балансирана, транспарентна и предвидлива надворешна политика, во интерес на мирот и безбедноста, добрососедството, стабилноста, просперитетот и заедничките вредности коишто ги споделуваме со демократските земји. Европската интеграција на Северна Македонија и на Западниот Балкан, постојано беа во центарот на моите заложби и на заложбите на мојот тим најблиски соработници. Во тоа верувам уште од почетоците на мојот јавен ангажман и ќе продолжам да се залагам за таа идеја до нејзината целосна реализација#, порачал Пендаривски.

Пендаровски посочил дека продолжува да верува дека нашата иднина ќе биде многу попредвидлива како членка на Унијата, отколку да сме сами или да правиме обиди за интегрирање во некои други форми коишто немаат допирна точка со демократските вредности.

„Затоа сакам да го реафирмирам мојот став дека државата мора да остане на патот на европските интеграции и градењето на добрососедски односи, без оглед на тоа кој ќе биде во извршната власт по изборите во мај оваа година. Истото се однесува и на мојата визија за регионот на Западниот Балкан, којашто од првиот ден на мојот мандат беше и остана дијаметрално спротивна на идеите за промена на границите, размена на територии, концептите за големи држави, или вакви или онакви светови. Западниот Балкан, интегриран во ЕУ ќе биде безбеден, економски просперитетен и отпорен на злонамерни влијанија и тоа треба да биде приоритет за секој одговорен политичар, пред сè, кај нас, но, и во Брисел“, порачал Пендаровски пред дипломатскиот кор во земјава.

Како доајен на дипломатскиот кор, како што информираат од Кабинетот на претседателот, на приемот се обратил амбасадорот на Албанија, Фатос Река.