Дипломатот Миле Миленкоски бара да му се суди во Македонија
Уапсениот македонски дипломат Миле Миленкоски, кој е во екстрадикционен притвор во Врање, Србија, вели дека во доставените докази од Ерменија „нема ништо што би укажувало на вина, ниту пак може да има“ и верува дека „РСМ е правна држава и, оттаму, верувам дека надлежните (во Македонија) ќе покренат брза постапка, со оглед на фактот дека во доказите за случајот се опфатени 7 лица, од кои 6 се државјани на РСМ“.
Редакцијата на „Слободен печат“ деновиве била контактирана од семејството на Миле Миленкоски, македонскиот дипломат кој на 27 август годинава беше уапсен во Србија по потерница на Интерпол издадена на 15 февруари 2020 година по барање на Република Ерменија. Тие предале писмена порака од Миленкоски со која тој реагира на медиумските објави во државава по повод инцидентот во кој е вмешан. Во реакцијата Миленкоски вели:
„Жалам што поради тоа што покрај мојот углед, со овој настан беше нарушен и угледот на МНР и на Владата на РСМ. За ништо на светот не би наштетил на мојата чест и углед, на семејството, на Министерството кое ми даде се во животот, ниту на Владата на РСМ. Бидете уверени дека ни во овој случај нема никаква вина кај мене, ниту прекршок, ни кривично дело, што е случај во целиот мој живот и кариера. Секако, тоа ќе го покаже и истрагата. Дотогаш, молам да се воздржите од шпекулации и непроверени информации“, пишува дипломатот.
Тој наведува дека од судот му биле доставени доказите од Ерменија и уверува дека во нив нема ништо што би укажувало на негова вина.
„Копија од доказите е доставена до надлежните институции во РСМ, која верувам дека е правна држава и, оттаму, верувам дека надлежните ќе покренат брза постапка, со оглед на фактот дека во доказите за случајот се опфатени 7 лица, од кои 6 се државјани на РСМ. Притоа, РСМ би побарала од Република Србија да бидам префрлен во РСМ. На овој начин правдата би била задоволена и случајот комплетно разрешен, што е моја најголема желба во моментов“, наведува тој.
Како што е познато, по апсењето на Миленкоски тој беше експресно суспендиран на шест месеци од неговото матично Министерство за надворешни работи, а сите надлежни институции во државава се дистанцираа од инцидентот соопштувајќи дека немаат никакви детали за настанот. Министерот за правда Бојан Маричиќ минатата среда изјави дека неговиот ресор не добил никаква информација „по која треба да бараме екстрадикција или трансфер на осудено лице“.
Во меѓувреме, по барањето за екстрадикција на Миленкоски во Ерменија идната недела треба да одлучува Апелацискиот суд во Ниш, откако овластен адвокат од Врање го обжалил решението на Вишиот суд во Врање од 22 септември, како причина наведувајќи го „погрешното и непотполно утврдување на фактичката состојба“ во пресудата, како и поради битни повреди на кривичната постапка и погрешната примена на материјалното право.
Дополнително, во настојување Миленкоски наместо во Ерменија, како македонски државјанин и наш дипломат, да биде испорачан во Македонија, во текот на вчерашниот ден, овластен адвокат од семејството на Миленкоски до Јавниот обвинител на РСМ поднел Предлог за преземање на кривично гонење по службена должност, бидејќи Ерменија го обвинува Миленкоски за „недозволено преминување на државна граница“, што е дело кое е опфатено и со Кривичниот законик на РСМ. Адвокатот бара за Миленкоски, кој е странски државјанин за Ерменија, да се води кривична постапка во РСМ, тој тука да биде испорачан од Србија, па доколку биде осуеден, затворската казна да ја издрежува во неговата матична држава.
Од семејството информираат дека во изминатите неколку дена тие ги доставиле сите документи што ги поседуваат за случајот до „сите надлежни институции во државава“, бидејќи никој од Македонија официјално не пројавил интерес до судските инстанци во Србија да ја добијат документацијата за случајот со Миленкоски.