Дина Јашари ја напиша тематската песна за анимираниот филм „Лефти и Рајти“


Целосен авторски проект, инспириран од сликовниците на Наташа Дукоска, продуцирана од наша, македонска продуцентска куќа, анимиран од македонско  студио за анимација, сега и тематската музика ја потпишува актуелната Дина Јашари. Личи на Дуа Липа, музичкиот стил и е на Нора Џонс, но сега стана и автор на филмска музика за „Лефти и Рајти“. 

На прашањето што претставува компонирањето на музика за Лефти и Рајти, Дина Јашари во последното интервју одговори:

„Ова е преубав предизвик за мене, чувствувам одговорност дека треба да направам музика што треба да допре до помалите генерации. Јас многу добро ја паметам музиката од цртаните со кои сум израсната, дури знам да си ги пуштам песните и ден-денес“.

Тематската музика ќе биде промовирана на почетокот на септември, а премиерата е најавена за крајот на ноември оваа година.

„Лефти и Рајти” е анимиран филм за деца во кој една бела блуза и маслинести панталони со платка се главните ликови. Филмот е поддржан од Агенција за филм.

Македонската актерка која живее и работи во Хрватска,  Јелена Јованова ќе се појави како блузичката Лефти во анимираниот краток филм “Лефти и Рајти си најдоа дом”. Таа во моментов има природна возбуда кон анимираниот филм за деца, бидејќи и самата е мајка на две дечиња со кои постојано читаат сликовници и гледаат интересни цртани филмови.

“Анимиран македонски филм за деца е реткост, а да се биде дел од такво дело е секогаш благородно и служи на многу генериции, изјави Јованова.

„Како актер, во мојата досегашна кариера сум бил сѐ и сешто, но имам две работи кои посебно посакувам да ги изиграм. Едната е принц, а другата е панталони. И ете, 50% ќе ми се исполнат набрзо“, додава Гораст Цветковски, кој има дијапазон од ангажмани од театар, филм, видео игрици и сега е на ред анимиран детски филм.

„Лефти и Рајти си најдоа дом“ е во режија на Илија Тодоровски, во продукција на „Занимација продукција“, а во копродукција на „Minya Film i Animacija“ од Хрватска. Проектот е поддржан од Агенцијата за филм и од Хрватскиот аудиовизуелен центар (HAVC)