Димитров: Изјави што може да предизвикаат навреда или вознемиреност кај соседите не помагаат


Договорот за пријателство со соседна Бугарија зборува за заедничка историја што ги поврзува двата народа. Во 21 век во Европа, правото на самоопределување и самоизјаснување не може да биде спорно, изјави за Радио Слободна Европа вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, по изјавата на бугарскиот министер за одбрана Красимир Карачанов дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, ако Мешовитата комисија не постигне согласност за отворените историски прашања.

Димитров за РСЕ рече дека имајќи ја предвид визијата за заедничка европска иднина како блиски народи и соседи, убеден е дека со заеднички сили треба да се работи на решенија кои ќе обезбедуваат почит и достоинство за двете страни.

-Тоа е одговорна и зрела политика, тоа се европските вредности. Изјави што може да предизвикаат навреда или вознемиреност кај соседите не помагаат. Историјата ќе не’ памети според тоа како сме се однесувале кон иднината, наведува Димитров.

Според него, прифаќањето на минатото, но и на сегашноста, еден благороден процес што го почнавме со Бугарија, мора да се темели токму на ова право, како за хероите од минатото кои се од големо значење за двете страни, така и за денешните генерации.

Истакна дека Договорот зборува за заемно почитување и пријателство, како и за помош од страна на Софија на патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ.