Димитров го префрли проблемот со бугарското вето на ЕУ


Или ќе ја обновиме или ќе ја изгубиме кредибилноста на Европската Унија на Балканот, порача вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, пред почетокот на денешниот неформален состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Европската Унија.

Тој рече дека е големо задоволство да се биде во Брдо во Словенија и дека ја цени поканата на словенечкото претседателство. За него има смисла земјите од регионот да бидат таму со земјите членки на Европската Унија најавувајќи дека ќе го покрене  прашањето за пристапувањето и проширувањето на Унијата.

– Го споменав зборот „криза“, кој етимолошки потекнува од терминот „одлучувачки момент“. Сметам дека под словенечкото европретседателство во наредните неколку недели и месеци многу ќе се приближиме до овој одлучувачки момент. Или ќе го обновиме кредибилитетот на Европската унија на Балканот или ќе го загубиме. Многу се потпираме на занаетот и мудроста на нашите словенечки пријатели, за кредибилитетот да се задржи, а не да се загуби, изјави вицепремиерот.

Димитров откри дека една од главните теми е и справувањето со коронавирусот.

-Вирусот не знае за граници и не знае дали некоја земја е членка или пак има статус на кандидат. Дури и ако гледате географски ние сме окружени од земји членки и затоа битката треба да се води заедно со ЕУ, истакна Димитров.