Димитриеска Кочоска до Филипче: Дали ти човеку знаеш колку пари се тоа и дали си свесен колку си неспособен?


Приземната комуникација на политичките партии денес ја збогати уште едно соопштение од ВМРО ДПМНЕ и дополнителната заменик министерка за финансии во техничката Влада, Гордана Димитриеска Кочоска, која на министерот за здравство Венко Филипче му се обрати со зборовите „Дали ти човеку знаеш колку пари се тоа и дали си свесен колку си неспособен?“.

Димитриеска Кочоска го обвинува Филипче за неговите, како што вели „театрални настапи кои ти ги спрема дружината за односи со јавност“ кои, според неа „веќе не поминуваат“ и го прашува „како универзитетски професор, не се срамиш од таквото однесување? Секој ден имаш стотици новозаразени, имаш смртни случаи, а ти твојата неспособност ја криеш зад опозицијата?“.

Димитриеска Кочоска уште додава: „Па да, тебе те изненади снегот во јануари. Одговорен менаџер секогаш има по неколку сценарија кога сака да стигне до својата цел. Твојата цел која е? Да го спасиш народот или да ги наполниш џебовите? Ти пишав и пред некој ден дека МОЈОТ ПОТПИС НЕ БЕШЕ ЗАДОЛЖИТЕЛЕН. Исто така те прашав зошто Нина не го потпиша кредитот пред избори?“.

Станува збор за препукувањата кои се влечат помеѓу власта и опозицијата околу кредитот од Светска банка кој Димитриеска Кочоска упорно одбиваше да го потпише, а потоа Владата одлучи тој да се остави по изборите, иако во меѓувреме имаше толкување од ДИК дека двојниот потпис не е потребен.

„Што им направивте на 1,1 милјарда евра кои ги потпишав токму за корона кризата. Каде исчезна 1/3 од македонскиот буџет. Дали ти човеку знаеш колку пари се тоа и дали си свесен колку си неспособен?“, вели таа и додава дека наместо 800 милиони евра со еврообврзницата биле земени 700 милиони евра.

Димитриеска Кочоска уште обвинува дека каматата на еврообврзницата, иако повисока во однос на каматите во тој период, сепак била пониска отколку каматата на кредитот од Светска банка.

„Зошто се одлучивте да земете 100 милиони помалку а поевтини од овие 90 милиони?“, прашува Димитриеска Кочоска, порачувајќи му на министерот „дај оставка спаси го народов“.

Всушност станува збор за реакција на екс дополнителната заменик министерка за финансии на нејзиниот фејсбук профил за што во службениот партиски меил до медиумите има и линк. Но, очигледно тоа не им пречело во ВМРО ДПМНЕ таквиот стаус да го земат здраво за готово и да го пласираат без никакви интервенции како партиско соопштение на официјален меморандум на партијата, на кој не стои дека е фејсбук статус, ниту пак водејќи сметка за минималното ниво на политичка култура. (Н.В.)