ДИК против Изборниот законик: Ќе важат и гласачките ливчиња без печат

Членовите на ДИК при носењето на упатството се повикале на членовите 110 и 115 од Изборниот законик во кои се наведува дека изборното ливче е важечко доколку „на сигурен и недвосмислен начин може да се утврди за која листа на кандидат, односно листа на кандидати избирачот гласал“.
Но во членот 109 став 2 од Изборниот законик стои објаснувањето за печатот: „Гласачкото ливче се откинува од кочанот на блокот по нумерички редослед, му се става печат на предната страна и потоа му се дава на избирачот“.
Кренар Лога не се согласува со ваквата одлука и ја нарече незаконска. За ова писмено ги известил и останатите членови, пренесе Алсат.
„Како член на ДИК не се согласувам и изразувам големи сомнежи за изборни нерегуларности бидејќи упатството се менува по првиот изборен круг. Упатството не е во согласност со Изборниот законик, затоа барам оваа одлука веднаш да се повлече, во спротивно ќе се обратам до Управниот суд“.
Според некои објаснувања одлуката била донесена поради тоа што Управниот суд поништи гласање на едно избирачко место во општина Шуто Оризари затоа што ливчињата во кутијата немале печати на нив. Дали членовите на ДИК сметаат дека со усвоеното упатство може да дерогираат одредби од Изборниот законик? Но ако мислат така можат опасно да ја доведат во прашања регуларноста на изборниот процес, бидејжи со нивните упатства се ставаат над законот.