Дигитално реставрираниот „Солунските атентатори“ премиерно на отворањето на „Нем филм 2026“
Дигитално реставрираниот филм „Солунските атентатори“ на режисерот Жика Митровиќ премиерно ќе биде прикажан на отворањето на шестото издание на Фестивалот на филм, музика и уметност „Нем филм 2026“, што од денеска до 15 септември ќе се одржи во Кинотека на Македонија.
Станува збор за најново издание на Кинотеката во рамки на програмата за дигитална реставрација на македонски филмови, наменета за зачувување и афирмација на националното филмско наследство.
„Солунските атентатори“, снимен во 1961 година, се смета за едно од најзначајните остварувања во југословенската кинематографија и е инспириран од дејствувањето на македонските гемиџии во Солун во 1903 година.
Филмот на фестивалот во Пула ја добил наградата на публиката „Јелен“, а режисерот Жика Митровиќ бил награден за успешно негување на акциониот жанр.
По проекцијата, за процесот на дигиталната реставрација ќе говори деканот на Факултетот за драмски уметности, Владимир Павловски, додека специјален гостин ќе биде филмскиот критичар Дејан Дабиќ.
Покрај отворањето со „Солунските атентатори“, фестивалот нуди програма составена од филмски класици, неми филмови и дигитално реставрирани дела од македонското наследство.
Утре ќе биде прикажан класикот „Една недела“ на Бастер Китон, додека во петок публиката ќе може да ја проследи проекцијата на „Четиристотини трикови на ѓаволот“ на Жорж Мелиес. Двата неми филма ќе бидат проследени со музика во живо во изведба на ансамблот „Консонанс“, составен од музичари од Македонската филхармонија.

Во програмата е вклучен и циклус со филмови на француската режисерка и пионерка на светската кинематографија Алис Ги, кои ќе бидат музички придружувани од Андреј Татарчевски.
Фестивалот ќе понуди и проекции од ретроспективата на Берлинскиот филмски фестивал „Загубени во 1990-тите“, реализирана во соработка со Друштвото за македонско-германско пријателство и соработка, како и омаж на големиот шпански режисер Луис Буњуел со проекциите на „Виридијана“ и „Ангелот истребувач“.
Во рамки на фестивалот ќе бидат прикажани и дигитално реставрираните македонски анимирани кратки филмови „Ембрио бр. М“, „Адам 5 до 12“, „Граница“, „Буквар за писмени“, „Рака“, „Отпор“, „Homo Dogmaticus“ и „Црно знаме“.