Дигитализација за унапредување на средното стручно образование


Фото: Б. Грданоски

Центарот за стручно образование и обука денеска промовираше дигитализација на средното стручно образование. Според заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу, процесот ќе придонесе за оспособување и олеснување на работата – и за учениците и за компаниите и менторите на нивната обука т.е. практичната настава.

Пристапот до дигитални помагала, рече Алиу, значајно ќе го подобри и квалитетот  на самата настава. Тој искажа задоволство што се зголемува интересот за отворање дуални паралелки во средните стручни училишта, што беше и во фокусот на кампањата на МОН „Учи паметно, работи стручно“ минатиот период во општините низ земјава.

-На овој начин им излегуваме во пресрет и на самите компании и на самите општини. Радува фактот што во последните години бројот на дуални паралелки од 11 се зголеми на 97, а со Конкурсот за упис во средните училишта објавен вчера, бројот е зголемен на 223, според барањето на средните училишта. Се надевам дека тој тренд ќе продолжи и понатаму зашто на тој начин учениците ќе бидат обучени и оспособени и ќе им придонесат на компаниите каде што ќе ја реализираат обуката, изјави Алиу пред почетокот на промотивниот настан „Дигитализација во стручното образование и обука“, организиран од Центарот за стручно образование и обука, со поддршка на проектот „Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк“ и Швајцарската агенција за развој и соработка.

Директорот на Центарот за стручно образование и обука Шериф Мифтари додаде дека самиот настан организиран денеска, со физичко присуство на едни учесници и онлајн на други, го потврдува значењето на дигитализацијата. -Таа во овој момент ни е многу важна зашто без неа не може да живееме, изјави Мифтари.

На конференцијата што денеска ја организира Центарот за стручно образование и обука ќе бидат презентирани резултатите од повеќе активности поврзани со унапредување на средното стручно образование преку негова дигитализација, а акцентот ќе биде ставен на промоција на нова платформа ИНОВЕТ (inovet.edu.mk), што ќе има функција на  дигитална база за професионално усовршување на наставниците од средните стручни училишта.

-Преку платформата, наставниците ќе добиваат информации за обуки и курсеви и тие ќе може да се реализираат онлајн, соопшти МОН во најавата за настанот.