Дигитализација и електронски систем за пријавување заразни болести


Фото: Б. Грданоски
Министерството за здравство информира дека на електронскиот национален регистар на прописи ЕНЕР се објавени најновите измени и дополнувања на Законот за заштита на населението од заразни болести.
 
Меѓу позначајните новини кои се опфатени со овие законски измени е дополнувањето на листата на заразни болести кои подлежат на задолжително пријавување, како и унифицирање на начинот на функционирање на АЛЕРТ 2.0 – синдромскиот систем за брзо известување и предупредување, согласно збирот на симптоми и знаци кои се присутни кај пациентите,
 
– Со најновите измени на Законот за заштита на населението од заразни болести предвидуваме воведување електронски систем за пријавување на заразните болести кои подлежат за задолжително пријавување. Исто така, предвидена е дигитализација и заштита на личните податоци преку воведување нов член кој овозможува користење интернет платформи и паметни апликации, а воедно се елиминира ризикот од неовластено располагање со податоците, појаснува министерот за здравство – Азир Алиу.
 
Исто така, со законските измени се предвидува обврска за континуирана едукација за ДДД, која ја спроведува Институтот за јавно здравје, проширена листа на патогени, како и информатичко поврзување на микробиолошките лаборатории.